„Лист, камен, ножички” нова премиера на детското драмско студио „ДрамаКидз”
„Лист,камен,ножички” е втора театарска претстава на Детското драмско студио „ДрамаКидз” која вечерва ќе ја има својата премиера. Автори на претставата се режисерката Ирена Стеријовска и драматургот Кристина Тодорска Петреска. Претставата е базирана на истоимената детска игра, а зборува за значењето на слогата.
„Се работи за претстава којашто ја коментира поделеноста во сите општества и мислам дека е супер шанса за на оваа возраст децата да почнат да размислуваат за тоа што е заедништво, што е слога и што произлегува од кавги со комшии во зграда или во било каква заедница, во држава па дури и цивилизација, а што губиме од тоа.“ – вели режисерката Ирена Стеријовска.
Д.Д.С. „ Драма Кидз” работи повеќе од една година во состав на НУ Центар за култура „Григор Прличев” Охрид. Децата со брзи чекори напредуваат во театарскиот занает и во групата владее неверојатна дисциплина, вели драматургот Кристина Тодорска Петреска. Таа не се сложува со мислењето дека денешната младина е незаинтересирана. Децата во „ Драма Кидз” се доказ дека во младите има голем потенцијал, дека сакаат да работат и дека им е потребно некој да ги води.
„Од тоа водство, горда сум што произлезе „Лист, камен, ножички“. Тоа е една минијатурна бурлеска со која децата испраќаат моќна универзална порака за тоа каде се наоѓа нашиот свет, нашето поднебје, приказната ја влечеме од нешто што е многу познато на Балканот. Мислам дека одлично ја одиграа со големо разбирање за филозофијата позади текстот.“ – вели драматургот Кристина Тодорска Петреска.
Претставата е подготвена со многу малку ресурси, но со огромни колични труд и љубов. Децата чувствуваат припадност кон тетараот, а за тоа се грижи целокупната екипа од Центарот за култура кои им овозможуваат професионално светло, тон и сите други тетарски услови.
„Искуството од подготвување на оваа претстава е непроценливо и посебно сум горда на себе затоа што не верував дека ќе достигнам олкав успех во ова драмско студио. Процесот низ кој поминавме за оваа претстава беше доволно тежок но и лесен за нас како деца за да успееме да се докажеме и да изведеме една магија на сцената такашто дефинитивно можам да кажам дека ова е еден проект којшто ќе го паметиме цел живот. “ – изјави Бојана Башоска.
„Сум многу среќна дека успеав да се издигнам во едно вакво драмско студио, посебно сум задоволна од режисерката и драматургот кои беа тука во секој момент за нас 5:26 ++ 5:33 Имаше моменти кога доаѓаше и до кавги меѓу нас но на крај го наоѓавме патот да се соединиме повторно. “ – изјави Ева Џајкоска.
„Ја играм улогата на Житко. Ние сме на почетокот две племиња Житовски и Житоски кои на крајот од претставата се спојуваме и имаме слога, разбирање, љубов, среќа. “ – вели Матеј Бакулески.
„Јас сум многу среќна бидејќи сум во оваа претстава. Јас сум преселена од Скопје во Охрид. Многу сум благодарна што сум дел од оваа претстава Лист камен, ножички. Јас ја играм Житка која го краде рецептот и се обидува да открие како убаво се пече рецептот“ – кажа Илина Богојевска.
„ Мене оваа претстава многу ми значи бидејќи во иднина сакам да се занимавам со драма.“ – кажа Евгенија Војнеска.
Во Детското драмско студио „ДрамаКидз” членуваат 21 дете актер на возраст од 9-14 години од сите училишта во градот. Премиерата на “Лист, камен ножички“ е вечерва со почеток во 19 часот на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“.