Skip to main content

Отворен литературен конкурс „Од срце за Миладиновци“ по повод 165 години од Зборникот

Во чест на големите македонски преродбеници Димитрија и Константин Миладиновци, а со цел одбележување на нивното културно и историско значење, овој конкурс има за цел создавање литературни творби посветени на нивниот живот, дело и придонес кон македонската преродба и духовна историја.
 |  инфодеск  | 
Црн Дрим

Фондацијатa „Браќа Миладиновци – Миладиновско слово“ основана од потомците на Димитрија Хр. Миладинов, Ристе Миладин и неговите синови Димитрија и Константин, по повод 165 години од издавањето на ,,Зборникот” на Браќата Миладиновци, распишува отворен литературен конкурс на тема „Од срце за Миладиновци“.

Во чест на големите македонски преродбеници Димитрија и Константин Миладиновци, а со цел одбележување на нивното културно и историско значење, овој конкурс има за цел создавање литературни творби посветени на нивниот живот, дело и придонес кон македонската преродба и духовна историја.

Конкурсот се состои од следниве категории:

I категорија: Рекоа за Миладиновци (цитати): Во оваа категорија се пишуваат цитати за браќата Миладиновци. Се очекуваат авторски цитати, тематски поврзани со ликот и делото на тројцата браќа: Димитрија, Наум и Константин Миладиновци. Цитатите да содржат од 30 – 50 збора и да не се подолги од две реченици.

II категорија: Песни за Миладиновци: Во оваа категорија можат да земат учество сите песни, тематски посветени на браќата Миладиновци (Димитрија, Наум и Константин). Тие треба да се напишани на кирилично писмо и да не се подолги од 24 реда (за песните кои се астрофични), односно да немаат повеќе од 5 строфи (за тие во строфа).

III категорија: Есеи за Миладиновци: Во оваа категорија земаат учество прозни текстови (есеи), тематски поврзани со браќата Миладиновци, нивниот лик и дело. Есејот треба да ја има соодветната структура (вовед, главен дел и завршен дел) и да биде помеѓу 250-300 збора.

Право на учество имаат сите заинтересирани литерати од Македонија, но и надвор од неа, без оглед на полот и возраста. Секој кандидат да ги испрати следниве податоци: име и презиме, датум и година на раѓање, адреса и телефонски број, како и кратка биографија (CV).

Избраните творби ќе бидат разгледани од стручна комисија составена од литерати, професори и културни работници. Најдобрите ќе бидат објавени во тематски насловената збирка на трудови: „Зборник за Браќата Миладиновци“, чија промоција ќе се реализира во месец август 2026 година. На промоцијата ќе бидат поканети сите автори, учесници на конкурсот, чии творби ќе влезат во потесен избор. Секоја творба што не ги исполнува критериумите наведени погоре ќе биде елиминирана. Учесниците чии творби ќе бидат избрани од страна на комисијата, ќе добијат известување за учество на манифестацијата.

Ќе бидат доделени награди за најуспешните творби, како и главна награда „Миладиновско слово“ за најуспешна творба на манифестацијата.

Творбите треба да се испратат на: literaturenkonkursbm@yahoo.com .

Конкурсот трае од 15 април до 31 мај, 2026 година