Љутков: Театрите ќе добиваат однапред делегиран буџет

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави дека ќе се промени начинот на финасирање на програмските активности на Центрите за култура и театрите во Македонија. Наместо како што беше досега, да добиваат финансии поединечно за претстава за која конкурирале по јавниот повик за програми на Министерството за култура, тие ќе добиваат одредена сума на средства, со кои тие ќе работат во текот на годината.
„На тој начин и самите менаџери на институциите ќе носат многу поголема одговорност кон програмата. Дали ќе се формираат како уметнички Совет, дали ќе има уметнички директор или ќе има креативен тим кој ќе ги изработува програмите во наредната година, тоа ќе биде слободен избор на самата институција“, изјави министерот Љутков при посета на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес.
Љутков завчера на директорот на Велешкиот театар Жарко Спасовски му ја врачи промената на статутот на Националната установа за култура „Јордан Хаџи Констатнинов-Џинот“. Сега повторно е Велешки театар, односно, не е дел од Центарот за култура. Со оваа промена, институцијата се враќа на неговата основна дејност, театарската. Додаде и дека Велешкиот театар ќе добие двојно поголем буџет за работа од лани.
Резултатите од конкурсот за Годишната програма за култура ќе се знаат на крајот на јануари.
Фото: Вечер
