Skip to main content

евровизија 2027

Македонија повторно на Евровизиската сцена по петгодишната пауза

71. издание на Евровизија ќе се одржи во Бургас, Бугарија, каде што македонската делегација ќе ја предводат Јана Бурческа и Александра Јовановска.
 |  инфодеск  | 

По пет години отсуство од Евровизиската сцена, Македонската радио-телевизија го потврди враќањето на земјава на најголемиот европски музички натпревар, но овојпат најави нов и потранспарентен модел за избор на претставникот и песната.

Инаку, 71. издание на Евровизија ќе се одржи во Бургас, Бугарија, каде што македонската делегација ќе ја предводат Јана Бурческа и Александра Јовановска.

Директорот на МРТ, Зоран Ристоски, најави промена на досегашната практика за утврдување на македонскиот евровизиски претставник. Според него, јавноста треба навремено да биде информирана за постапката, критериумите и причините поради кои одреден изведувач и композиција ќе добијат можност да ги бранат македонските бои.

Деталите за новиот модел сè уште не се објавени, поради што останува отворено прашањето дали МРТ ќе организира национален избор, јавен конкурс или комбинирана постапка со стручно жири и гласање на публиката.

Името на македонскиот претставник и песната со која земјава ќе настапи во Бургас дополнително ќе бидат соопштени. Најавите од МРТ укажуваат дека овојпат изборот ќе биде поотворен, а јавноста ќе добие појасна слика за целиот процес.

По повод враќањето, организаторите на Евровизија објавија видео со дел од досегашните македонски претставници и ѝ посакаа добредојде на Македонија.

Земјава последен пат учествуваше во 2022 година, кога Андреа Коевска настапи со песната „Circles“, но не успеа да се пласира во финалето.