Мета најави ограничувања за тинејџерите на Фејсбук и Инстаграм
Компанијата Мета најави имплементација на нови ограничувања за пристап до одредени содржини за адолесцентите на Фејсбук и Инстаграм, со цел да се промовира „безбедна и соодветна“ употреба за нивната возраст. Сега сите сметки (профили) на адолесценти ќе бидат поставени во построга конфигурација на двете социјални мрежи, што „го отежнува контактот со потенцијално чувствителна содржина“.
Мерката се однесува на сметки за кои е идентификувано дека припаѓаат на тинејџер на возраст меѓу 13 (минимум потребен за регистрација) и 15 (18 во одредени земји). Оваа конфигурација, исто така, го ограничува пристапот, за другите корисници, до списокот на „пријатели“ како и можноста за коментирање на објавените пораки. Пребарувањето специфични зборови како „самоповредување“, „самоубиство“, „нарушувања во исхраната“ или „булимија“ нема да врати никакви резултати за адолесцентите. Наместо тоа, на корисникот ќе му биде прикажана порака за превенција која ќе сугерира да контактира со професионалец, пријател или да консултира листа со совети кои веројатно ќе му помогнат, се вели во пораката објавена на веб-страницата на Metа. Сепак, ова нема да го спречи тинејџерот да разговара за неговите можни проблеми или тешкотии на Инстаграм или Фејсбук со некои од неговите контакти.
Мета во последните години редовно беше критикувана за сметките на младите корисници на Фејсбук и Инстаграм. Откако го објави лансирањето на Инстаграм посветен на младите до 13 години, Мета конечно реши да се откаже од него, есента 2021 година. Кон крајот на октомври, 41 американска држава поднесоа американска граѓанска тужба против Мета, обвинувајќи ги Фејсбук и Инстаграм дека му штетат на „менталното и физичкото здравје на младите“. Мета тогаш рече дека веќе има воведено голем број алатки за подобрување на заштитата на младите корисници на своите платформи.