Со „Поезија и песни за животот“ Марко Милошевиќ и Борис Режак допреа до душата на охриѓани

Марко Милошевиќ и Борис Режак викендов со музичко-поетскиот проект „Поезија и песни за животот“, во Центарот за култура во Охрид приредија вечер за паметење во која музиката и поезијата се испреплетоа во една заедничка приказна за животот, љубовта, радоста и тагата. Двајцата уметници за прв пат пред охридската публика го претставија концептот што веќе неколку години го освојува Балканот. Она што започнало како спој на две авторски уметности прерасна во препознатлив културен проект со над 500 изведби.

„Се покажа како совршена комбинација, бидејќи дефинитивно музиката оди со поезија, никако поинаку. Јас секогаш велам: јас ја имам поезијата што ја говорам, а поезијата што Борис ја пее. И ова… тоа е нешто што публиката го препозна, ја препозна таа искреност. Ние сме единствените двајца автори што го прават ова; значи, јас говорам исклучиво својата поезија, а тој пее исклучиво свои песни. И тоа е единствен проект во регионот, затоа имаме толку настапи, затоа настапувавме ширум поранешна Југославија, насекаде, на сите сцени. Еве, вечерва за првпат во Охрид. Јас го сакам ова место, доаѓав овде како мал, и некако ми буди убави спомени, а луѓето се драги. Мислам дека навистина македонската публика има душа“, вели Милошевиќ.

Публиката уживање во емотивните изведби на Милошевиќ на песни од неговите пет збирки поезија обединети под насловот „Поезија на животот“, кои допираат до најдлабоки чувства на човекот.
„Поезија на животот“ е затоа што не постои сегмент од животот кој едноставно не е покриен низ сѐ ова што јас го работам. И затоа целиот концепт на сите пет збирки е носен под наслов „Поезија на животот“. А вечерва ќе види и публиката дека навистина не постои човек што нема да се најде барем во една песна, а главно сите велат дека и тие би го напишале истото така само кога би можеле да пишуваат“, објаснува Милошевиќ.
Токму таа блискост со публиката е една од особеностите на неговата поезија. Наместо стихови што бараат дополнителни објаснувања, тој избира директен, искрен израз. А дека емоцијата не познава граници и јазични бариери, според Милошевиќ, најдобро се покажало токму на настапите во Македонија.
„Па, еве на пример, синоќа имавме во Скопје и прексиноќа во Битола, а ме изненади како публиката овде реагира. Сепак, ајде да кажеме дека имаме некоја можда мала јазична бариера, но тоа е само доказ дека емоциите немаат граница и дека секој го разбира погледот, секој го разбира стихот кој е искрен и дури можеби не може секој збор во истиот момент да го разбере, но ја чувствува емоцијата и може да пушти солза и да заплаче.“– вели поетот.

Борис Режак, кантавтор чија музика на сцената се надоврзува на стиховите на Милошевиќ, вели дека проектот ги надминува границите на класичниот концерт и поетската вечер.
„Некоја вечер која ја храни душата, која е поинаква. Што знам, не би знаел ни јас што е ова. Ова не е ни претстава. Ниту е само поезија. Ниту е само музика. Туку од се по малку, луѓето се можда желни за топлина. Тоа е едно. Друго е интересно што сме автори. Како тој што ги пишува своите песни, така јас моите, и тоа е автентично. Ова е многу убаво,многу емотивно и навистина даваме максимум секоја ноќ како да ни е последна, и Марко и јас. Значи, секој во својот сегмент просто сака да се, под наводници, додвори на публиката и да им биде убаво. Како некој мал натпревар.“– вели Режак.

За Режак, кој зад себе има многу песни што оставиле трага кај публиката, меѓу кои познатите „Ангел“, „Покора“ и „Господска улица“, музиката останува процес што постојано се надградува.
„А знаете што, јас имав некако… ја имав таа среќа да ми се врати кариерата. Не ми се врати случајно, јас се трудев. Моите песни како „Ангел“, „Покора“, тоа беа големи хитови пред 20 години. И потоа творев, пишував и… се случи „Господска улица“, која допре до луѓето. Ја само се трудив да биде убава песна. Едноставно се случи. Продолжувам понатаму. Пишувам нови песни и албумот треба да излезе на пролет, нова песна излезе пред три-четири дана.“ – вели познатиот музичар.
Првата средба со охридската публика за Марко Милошевиќ имаше и посебна лична вредност, бидејќи го поврзува со спомените од детството. А за охриѓани, следната можност да ги слушнат двајцата уметници веќе е најавена за 19 март 2027, кога Милошевиќ и Режак ќе се вратат со бенд и со уште една музичка приказна.




