Skip to main content

Младите охридски таленти Срна Попова и Наум Љатко со признанија на интернационалниот фестивал MUSICLAND

На овој престижен меѓународен музички фестивал настапија 160 изведувачи од 20 земји, а нивните изведби ги оценуваше 18-члено меѓународно жири, во чиј состав беше и уметничкиот раководител на „БАМБИНО”, м-р Снежана Караџовска-Попова.
 |  инфодеск  | 

Членовите на Охридскиот детски хор „БАМБИНО”, Срна Попова и Наум Љатко, заедно со нивниот ментор и уметнички раководител на хорот, м-р Снежана Караџовска-Попова, зедоа учество на 26. издание на Интернационалниот музички фестивал MUSICLAND, кој се одржуваше во Струга од 17 до 29 август.

На овој престижен меѓународен музички фестивал настапија 160 изведувачи од 20 земји, а нивните изведби ги оценуваше 18-члено меѓународно жири, во чиј состав беше и уметничкиот раководител на „БАМБИНО”, м-р Снежана Караџовска-Попова.

Учесниците беа распределени во пет возрасни категории, како и во категории за солисти и вокални групи.

Младите охриѓани Срна и Наум се натпреваруваа како дует во првата возрасна категорија и остварија забележителен успех. За своите настапи тие се закитија со медал, пехар и дипломи за исклучителна изведба.

Пред меѓународното жири се претставија со две стилски различни композиции – „A Whole New World” од анимираниот филм Aladdin, во категоријата World Hits, како и со светскиот поп-хит „Die With a Smile” на Lady Gaga и Bruno Mars.

Нивниот настап и освоените признанија претставуваат уште една потврда за талентот, посветеноста и музичкиот развој на младите членови на Охридскиот детски хор „БАМБИНО”, како и можност своите вокални способности да ги претстават пред меѓународна публика и стручно жири.

Во рамките на фестивалот, м-р Снежана Караџовска-Попова, како член на меѓународното жири, исто така доби посебно признание и медал за својот придонес во работата на фестивалот.

Учеството на MUSICLAND е уште едно значајно меѓународно искуство за младите охридски изведувачи и поттик за нивното понатамошно музичко усовршување и нови успеси.