МОСТ го објави извештајот од Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието на РМ
Граѓанската асоцијација МОСТ, го објави извештајот од Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието на РМ. Извештајот е подготвен во рамките на проектот „Вклучени граѓани за отворено и транспарентно Собрание“. Во извештајот се посочени заклучоците кои се однесуваат на законодавните постапки и фреквенцијата на изменување на законите, работата на комисиите и работата на пратениците.
Граѓанската асоцијација МОСТ ја набљудуваше работата на Собранието на РМ. Подготвен беше Индекс на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието и отворање на дебата за улогата на Собранието во постапката за донесување на закони и потребата од вклучување на сите засегнати страни во истата. Во првиот извештај на МОСТ, посочени беа заклучоците кои се однесуваат на законодавните постапки и фреквенцијата на изменување на законите, работата на комисиите и работата на пратениците.Овој извештај се однесува на претходниот состав на Собранието, анализата на законодавните постапки и фреквенцијата на нивно изменување се однесува на периодот од 1 јануари 2016 до распуштањето на Собранието на 17 октомври 2016.
Во врска законодавните постапки и фреквенцијата на изменување на законите, во 2016 Собранието на РМ спровело вкупно 339 законодавни постапки за донесување или изменување на закони. Од нив, 248 се за поединечни закони. Останатите 91 законодавна постапка или 27% претставуваат измени на закони кои веќе биле донесени или изменети во 2016 г. Најчесто изменувани закони се Изборниот законик, Законот за градење и градежно земјиште, Законот за здравствено осигурување, Законот за внатрешни работи и земјоделство и рурален развој.
Кога станува збор за следењето на работата на комисиите во Собранието треба да се напомене дека во Деловникот на Собранието на Република Македонија нема законски утврден рок за усвојување на записниците од претходно одржаните седници, па така фреквенцијата на нивно усвојување кај секоја комисија е различна. Но, заедничкоа забелешка на работата на комисиите посебно во делот на транспарентноста е податокот дека речиси кај сите комисии, е дека на веб-страната на Собранието не се објавени сите или воопшто не се објавени изваштаите и записниците од работата на седниците.
За работата на пратениците пак изработен е преглед на пратеници кои предложиле закони според припадност на политичка партија и според број на предложени закони, потоа преглед на пратеници кои предложиле закони според припадност на политичка партија и според број на донесени закони, преглед на пратеници кои предложиле закони според припадност на политичка партија и според број на неприфатливи закони, преглед на пратеници кои предложиле закони според припадност на политичка партија и според број на недонесени закони,преглед на пратеници кои предложиле закони според припадност на политичка партија и според број на повлечени закони. Најголем број на предложени закони се од страна на пратениците на СДСМ, но исто така и најголем е бројот на неприфатливи закони. Најголем на повлечени закони се оние предложени од ДУИ, додека најголем број на донесени закони се оние на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Фактот што само 7% од вкупниот број донесени закони се предложени од пратеници, и тоа исклучиво од владејачкото мнозинство (освен законите донесени како резултат на Договорот од Пржино), укажува дека Собранието било подредено на извршната власт, односно Владата индиректно ја вршела и законодавната функција, стои во Извештај од Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието на РМ.