Вечерва во Охрид ќе биде изведена мултимедијалната претстава „Конференција на животните 2.0 – Гласови за иднината“

Вечерва, 12 јуни, со почеток во 20 часот, во дворот на црквата „Св. Софија“ во Охрид ќе биде изведена мултимедијалната театарска претстава „Конференција на животните 2.0 – Гласови за иднината“, создадена од ученици од Скопје, Охрид, Гостивар и Прилеп.
Претставата е резултат на летниот театарски камп што од 8 до 13 јуни се одржува во Охрид во организација на Гете-институт Скопје. Во текот на неколкудневната работа, младите учесници заеднички создаваа оригинална сценска приказна, комбинирајќи театар, јазик и дигитални медиуми.
Инспирирана од познатото дело „Конференција на животните“ на Ерих Кестнер, претставата преку животински ликови отвора важни прашања за современиот свет, глобалните и локалните предизвици, како и за иднината на децата и младите. На сцената ќе бидат претставени размислувањата, грижите и надежите на новите генерации, пренесени преку креативен и современ театарски израз.
Проектот се реализира под менторство на двајца германски експерти од областа на театарот и мултимедиумите, кои преку работилници им помогнаа на учениците да развијат улоги, дијалози и сценски решенија.
Посебна вредност на претставата е нејзиниот повеќејазичен карактер. Таа ќе се изведува на македонски, албански и германски јазик, обединувајќи различни културни и јазични перспективи во едно заедничко уметничко доживување.
Настанот е отворен за јавноста, а организаторите ги покануваат сите љубители на театарот и културата да присуствуваат и да ги поддржат младите таленти во единствената атмосфера на охридското старо градско јадро.
Проектот е дел од меѓународната иницијатива ПАШ (PASCH – „Училишта: партнери на иднината“), која го промовира изучувањето на германскиот јазик и меѓукултурната размена меѓу младите ширум светот.




