На училиште без страв, што навистина треба да знае едно прваче

Поаѓањето за прв пат во училиште е голем настан и за првачињата и за нивните родители. Први септември носи возбуда, но кај децата може да предизвика и стрес, па училишните психолози советуваат родителите да не создаваат непотребна „фама“ околу почетокот на училиштето, туку да го претстават како природен дел од растењето.
На децата не треба да им се зборува дека со тргнувањето на училиште завршуваат игрите и безгрижното детство, но ниту пак училиштето треба да им се претставува како нешто сосема лесно, а на детето да му се прави притисок дека тоа е понапредно и поинтелигентно од своите врсници. Важно е очекувањата да бидат реални и детето да се подготви без дополнителен притисок.

Иако првачињата не мора да знаат да читаат и пишуваат, добро е да препознаваат букви, да умеат да го напишат своето име, да имаат основно разбирање за броевите. Потребно е да знаат правилно да држат молив, да се снаоѓаат во просторот, да знаат што е лево, десно, горе, долу, над и под, како и да разликуваат бои, форми и големини.
Психолозите предупредуваат дека кај дел од децата денес се забележува необичен јаз меѓу знаењата што ги стекнуваат пред да тргнат на училиште и основните вештини потребни за секојдневниот живот. Така, некои првачиња знаат голем број зборови на англиски јазик, но не знаат да разликуваат овошје од зеленчук, да врзат врвки, да закопчаат јакна или самостојно да ја врзат косата. Токму затоа, покрај академските знаења, важно е децата пред поаѓање на училиште да стекнат и основни практични вештини и знаења за светот околу нив.
Разговорот, играта и секојдневната комуникација со родителите се клучни за развојот на детето. Но, според стручните лица, токму тоа се повеќе недостига. Во ерата на технологијата, комуникацијата во семејството се запоставува. Целосно забранување на мобилните телефони е тешко, но нивното користење треба да биде ограничено и контролирано.







