Skip to main content

Најубавите скриени плажи во Европа

Додека во текот на летото најголем број туристи ги посетуваат познатите дестинации, сè повеќе патници бараат помирни и помалку познати места.
 |  инфодеск  | 

Скриени заливи, недопрена природа и спектакуларни пејзажи, европското крајбрежје крие бројни плажи кои нудат мир и одмор далеку од туристичките гужви.

Додека во текот на летото најголем број туристи ги посетуваат познатите дестинации, сè повеќе патници бараат помирни и помалку познати места. Токму затоа порталот за споредба на цените за изнајмување автомобили DiscoverCars.com состави листа на најубавите скриени плажи во Европа.

На самиот врв се најде плажата Беритница на островот Паг во Хрватска, која со својот уникатен пејзаж, што потсетува на површината на Месечината, ги остави зад себе бројни познати дестинации во Шпанија, Грција и Албанија.

1. Беритница, Паг – Хрватска

Оваа живописна шљункаста плажа е опкружена со голи карпи и импресивни камени формации, создавајќи речиси надреален, „месечев“ пејзаж. Кристално чистото море дополнително ја истакнува убавината на местото.

Од Задар до плажата се стигнува за околу еден час возење, преку Пашкиот мост, а последниот дел од патот се минува пеш.

Токму нејзината изолираност ја прави Беритница идеална за оние кои сакаат мир, недопрена природа и одмор подалеку од преполните туристички плажи.

2. Кала Бањалбуфар, Мајорка – Шпанија

На западниот брег на Мајорка се наоѓа живописната шљункаста плажа Кала Бањалбуфар, опкружена со високи карпи и планински пејзажи.

До плажата се стигнува со околу 15-минутно пешачење од истоименото место. Погледот кон морето и карпестиот пејзаж ја прави една од највпечатливите локации на островот.

3. Плаја де ла Солапа, Фуертевентура – Шпанија

На западниот брег на Фуертевентура се крие Плаја де ла Солапа, плажа препознатлива по вулканските карпи и впечатливата комбинација од златен и црн песок.

Иако поради силните морски струи не е погодна за капење, нејзиниот див и недопрен пејзаж е вистински магнет за љубителите на природата и фотографијата.

4. Рт Посиди, Грција

На полуостровот Халкидики се наоѓа Рт Посиди, една од најубавите природни плажи во Грција.

Долгиот песочен појас, опкружен со кристално чисто море, создава чувство на целосна изолираност и мир. Во близина се наоѓаат и таверни каде посетителите можат да уживаат во свежи рибни специјалитети.

5. Златна плажа, Кипар

На полуостровот Карпас се наоѓа речиси три километри долгата Златна плажа, позната по својот мир, чистиот песок и недопрената природа. Освен што е идеална за капење и сончање, ова подрачје е и едно од значајните живеалишта на загрозените морски желки.

6. Плажата Ѓипе, Албанија

Скриена меѓу стрмните карпи на кањонот Ѓипе, истоимената плажа е една од најголемите природни атракции на албанското крајбрежје. До неа води околу триесетминутно пешачење по каменест пат, но наградата е тиркизното море и еден од најубавите пејзажи на Јадранот.