Skip to main content

Утре можеби ќе биде подобро. Можеби утре ќе дојде Годо.

Народен театар Охрид утревечер премиерно ќе ја изведе „Чекајќи го Годо” од Семјуел Бекет

Претстава за сладокусци, нешто поразлично, нешто што има цел да предизвика размислување, во време на вештачка интелигенција и социјални мрежи навраќање на изворната сила на театарот, со овие пораки актерската екипа и режисерот на денешната прес конференција ја поканија публиката на премиера на „Чекајќи го Годо”.
 |  Маја Савиќ  | 

Охридскиот народен театар утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет,  во режија на Сашо Миленковски. „Чекајќи го Годо“ е едно од клучните драматуршки дела на 20 -тиот век.  Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Филип Кипровски и Павел Маслов под режисерската палка на Миленковски со оваа претстава сакаат, во денешно време на вештачка интелигенција, да го свртат вниманието кон изворната сила на театарот.

„ Многу се мислевме дали е ова адекватниот  текст за ова време кога децата се навикнати на 14 секунди тик-ток видеа, ние да ги задржиме нешто помалку од час и половина со сериозни теми. Но токму тоа не охрабри да се обидеме да се потсетиме дека имаше време кога работите беа важни, кога имавме нешто важно да кажеме. Како што вели Умберто Еко, сега секој обичен пацер има на социјалните мрежи време колку нобеловец. Инаку, Семјуел Бекет е нобеловец токму за ова дело.“ – кажа на денешната прес конференција режисерот Миленковски.

Се што Аристотел кажува дека е драма, Бекет го укинува, ќе рече режисерот Миленковски.  Укинува дејство, простор и време . Ликот кој го толкува Стрезо Стаматовски, Владимир, е единствениот којшто има чувство за линеарно течење на времето во трагикомичната атмосфера на претставата. Во сржта е глаголот на чекањето, вели актерот Стаматовски.

„ За да ја појаснам атмосферата ќе се обидам да парафразирам една реплика од Владимир: „Тука времето многу бавно тече, многу бавно.  Затоа што чекаме, а сите знаеме дека кога чекаме времето ужасно многу бавно тече. …И сме оневозможени да го прелажеме со разговори коишто навидум изгледаат многу разумни, се додека тие разговори не преминат во навика, а таа е несвесно спроведување на акции на телото и мислата каде што ние немаме никакво влијание.“ – кажа Стаматовски.

Темата на чекање е многу добро позната на македонскиот народ и театарот не секогаш е средство за забава туку понекогаш треба да не предизвика да почнеме да размислуваме за сѐ она што ни се случува, вели актерот Никола Тодороски кој го толкува ликот на Естрагон.

„Претставата има и сериозна и комична нота. Буквално е нешто како предизвик кој ни се случува во животот но не го забележуваме. Тие два лика чекаат, а замислете немаат мобилен во моментот, значи соочени се со самите себе си и сѐ она што им се случува и времето и просторот немаат милост кон нив затоа што тоа што им се случува се повторува до бескрај и нема бегање од темата. “ – кажа Тодороски.

Народен театар Охрид  поставува дело кое излегува од рамката на она на кое охридската публика е навикната како репертоарска политика, а тоа главно екомедијата, вели Павел Маслов.

Публиката ќе има можност да проследи дело кое излегува од таа рамка и претставува стожер во театрологијата. Треба да почнеме да не гледаме на театарот само како на средство за релаксација туку и како средство за едукација, како медиум којшто со своите постановки ќе поттикне кај публиката размислување.“ – кажа Маслов.

Дрвото кое е централно во делото на Бекет, под кое двата главни лика чекаат, во оваа претстава сценографски е заменето со две врати на пеколот.

Сценографијата е едноставна, две врати искршени над нас, двете врати на пеколот кој Христос ги крши и го појаснува воскресението. Постоењето на дрвото како центар на сценографијата не е на самата сцена, но е поставено надвор пред салата. Чекајќи го Годо го објаснува чекањето. Ние ја чекаме нашата иднина и нашата иднина е фактички сеќавање на иднината бидејќи сите сме дрва на коишто коренот им е во иднината, а гранките во оваа сегашност . “ – вели сценографот Владимир Симоновски.

Во оваа драма сè е релативно. Времето, местото и ликовите. Ликот на господарот Поцо го толкува Филип Кипровски. 

„Ликот којшто јас го толкувам е антагонистот. Тој ја претставува тоталитаристичката моќ, власта којашто е безвременска, да речеме дека е некој тип на Ирод, гази се пред себе и тука е да покаже дека е моќ и железна чизма за сите оние кои ја донеле на таа позиција.“ – кажа Кипровски.

Апсурдот на празно и бесмислено губење на време додека се чека, сепак е поткрепено со надеж дека утре ќе биде подобро. Дека можеби утре ќе дојде Годо. Но, тоа е симболика која секој за себе треба да ја толкува, ќе каже актерот Стаматовски додавајќи дека претставата е за сладокусци, за луѓе кои сакаат да одгатнат мистерии во секоја една реплика, во секоја сцена, во секој момент. 

Премиерата е закажана во 20 часот, а карти по цена од 250 денари може да се купат на билетарата при Центарот за култура.