Неподнослива леснотија на „заминувањето“ – почина Милан Кундера
Во 94-та година од животот почина писателот Милан Кундера, соопшти јавниот сервис на Чешка. Роден е во Брно, но живеел во Франција од 1975 година. Кундера, пред сè, ќе остане запаметен по романите „Шега“ и „Неподносливата леснотија на постоењето“.
„Книгата за смеата и заборавањето“ (1979) беше приказна напишана во седум дела која ја покажа моќта на тоталитарните режими да бришат делови од историјата и да создадат алтернативно минато. Неговото најпознато дело „Неподносливата леснотија на постоењето“ (1984), се фокусираше на Прашката пролет и нејзините последици. Беше снимен во филм со Даниел Деј Луис во главната улога и во режија на Филип Кауфман во 1988 година, кој заработи две номинации за Оскар.
Oва се дел од цитатите на Кундера кои се популарни кај љубителите на неговите дела:
– Љубовта е копнеж по сопствената изгубена половина.
– Двајца заљубени, изолирани од остатокот од светот, тоа е нешто најубаво.
– Не можете да го измерите заемното внимание на двајца луѓе по бројот на зборови што тие си ги разменуваат или кажуваат.
– Ниту една љубов не може да преживее во тишина.
– Таму каде што срцето зборува, не е пристојно разумот да приговара.
– За мене, љубовта е доказ дека постои нешто посилно од идеологија, религија и нација.
– Кога саканата личност е постојано присутна, таа всушност би била присутна само во својата постојана минливост, која може да се запре само во моментите на осаменост.
– Водењето љубов со жена и спиењето со жена се две посебни чувства. Првото е страст, а второто љубов.
– Постои надворешен изглед на жената, кој погрешно се толкува како убавина. А тука е вистинската еротска убавина на жената. Се разбира, не е мала работа да се препознае таквата љубов на прв поглед. Тоа е уметност.
Милан Кундера е роден во семејство од средна класа. Неговиот татко, Лудвик Кундера (1891 -1971), некогаш ученик на композиторот Леош Јаначек, бил чешки музиколог и пијанист, а исто така бил и шеф на Музичката академија на Јаначек во Брно (1948 -1961). Кундера научил да свири пијано од својот татко, а подоцна продолжил да студира музикологија и композиција. Музиколошките влијанија и референци се многубројни во неговото книжевно творештво. Кундера студирал и литература и естетика во Прага, а по два семестри се префрлил на Прашката филмска академија, каде слушал предавања за режија и сценарио. По дипломирањето во 1952 година, таму почнал да предава светска литература.
По насилното задушување на Прашката пролет во 1968, на што јавно се спротивставувал, Кундера станал непожелна личност во земјата. Залагајќи се за реформски комунизам, бил исфрлен од Здружението на писателите во 1969 и повторно од партијата во 1970, а професорскиот ангажман на Филмската академија му бил суспендиран. Неговите драми биле тргнати од репертоарот, а книгите исфрлени од продажба.Кундера продолжил да пишува, но своите следни дела „Животот е другаде“ и „Проштален валцер“ одлучил да ги издаде во Франција
Заминал во егзил во Франција во 1975 година, а државјанство добил во 1981 година. Чешкото државјанство му беше одземено во 1979 година и вратено 40 години подоцна.
Во егзил продолжил да пишува на теми поврзани со Чехословачка. Следеа „Книгата за смеата и заборавот“, „Неподносливата леснотија на постоењето“ и „Бесмртност“, кои го направија еден од најзначајните светски писатели.
Беше номиниран за Нобелова награда за литература, а добитник е на Ерусалимската награда во 1985 година, во 1987 година ја доби Австриската државна награда за европска литература и наградата „Хердер“ во 2000 година.Во 2014, по една деценија неактивност, го објави својот последен роман „Фестивалот на безначајноста“. Во 2021 година го доби „Златниот орден за заслуги“ од претседателот на Словенија.Кундера беше добитник и на меѓународната книжевна награда „Табернакул“, која ја доделуваше истоимената издавачка куќа од Скопје.