Skip to main content

Нина Ангелоска со изложбата „Охрид од високо“ покажа дека градот е волшебен од сите агли и перспективи

Во рамки на свеченостите по повод ослободувањето на Охрид, охриѓани имаа можност да го погледнат градот од високо. Младата фотографка Нина Ангелоска и претстави на јавноста избор од своите дела на кои убавините на Охрид се прикажани од еден поинаков агол. Самостојната изложба на Ангелоска. „Охрид од високо„ беше поставена синоќа во галеријата на Центарот за култура Григор Прличев.
 |  Маја Савиќ  | 

„Охрид од високо“ е насловена изложбата на фотографии на Нина Ангелоска која беше отворена синоќа по повод празнувањето на јубилејот 80 години слободен Охрид. На оваа изложба пред јавноста се прикажани 15 погледи на Охрид заробени во времето со помош на дрон. Овој град е волешебен од сите агли и заслужува да биде виден и од птичја перспектива, вели младата фотографка.

За да се направи една фотографија потребно е многу да се работи. За да изберам една од овие што ги гледате, отприлика едно 40 фотографии имам направено од истиот агол за да можам да ја изберам перфектната. Овие се фотографии од досега невидени агли на Охрид и сметам дека треба да дадеме и некоја поинаква перспектива , од поинаков агол да го видиме Охрид бидејќи од жабја перпектива, од копно, го знаеме.“ – вели Ангелоска.

Нина е студентка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје и тоа е нејзината професионална животна определба. Но убавините на родниот град за неа се движечка сила и непресушна инспирација за што зборуваат нејзините фотографии. Сакам да го доловам градот и да го промовирам, вели таа.

Она што започна како фотографирање со мобилен телефон , а продолжи со фотоапарат сега прерасна и во експериментирање со дрон, снимање и монтирање на видеа. Со кратко видео за Охрид насловено „Прошетка низ Стар град„ започна и синоќешната свечената академија по повод ослободувањето на Охрид.

„Јас си го сакам многу Охрид и не можам да одвојам некое посебно парче , но многу ми се допаѓа кога ќе седам Канео на зајдисонце и фотографирам најразлични моменти во тој дел.“ – вели Нина на прашањето кој дел Охрид најмногу сака да го фотографира.

„Охрид од високо„ е трета самостојна изложба на Нина Ангелоска. Првата изложба и беше на Културно лето Пештани. Втората со мотиви од охридските цркви во 2022 година насловена „Охридскиот регион-универзален духовен и природен раскош“ по повод чествувањето на Св.Климент Охридски – Патронот на градот беше посветена на д-р Драган Спасески- Охридски. Четири нејзини фотографии ја красат и монографијата по повод 60 години постоење на фестивалот Охридско лето.