Одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право во НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид
Со пригодна свеченост НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид денеска го одбележа 23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право. Во своето пригодно обраќање директорката на Библиотеката Христина Трпеска зборувајќи за еволутивниот пат на книгата од праисторијата до денес истакна дека Книгата и покрај дигитализацијата, денес претставува непроценлив извор на знаење, духовна исполнетост и бескрајни можности. Во ера на брзи информации, таа останува клучна за длабинско разбирање на светот и на себеси, рече Трпеска.

По повод Светскиот ден на книгата и авторското право Националната библиотека на Македонија одлучи националната порака оваа година да ја напише авторот Иван Шопов. Пораката беше прочитана и во Охрид, а во неа Шопов меѓудругото вели:
„Книгите не нудат готови одговори – тие ти даваат простор да останеш сам со мислата и да ѝ дадеш свое значење.“








На денешниот настан беа прогласени најчитателите за изминатата година. Во одделението за деца тоа се: Сергеј Тасетовиќ со прочитани 40 книги за една година, по него следуваат Филип Кордоски со 33 и Мила Стојческа со 27 прочитани книги. Во одделението за возрасни, најчитател е Весна Атанасоска со 152 прочитани книги, втора е Марија Петковска со 136 и Ленче Стефаноска со 119 прочитани книги во текот на една година. Најмлади читатели со само по 2 години се Симона Пљакоска и Лилиана Ристеска, а највозрасен читател е Воскресија Капричева, родена 1934 година.
Библиотекарите Никола Ристовски, Весна Симоноска и Бети Лазеска – Симоноска, во рамките на проектот „Библиотекар – професија која ве носи во светот на фантазијата“, го промовираа новиот флаер и бележник со кодови за пристап до дигиталните платформи на Библиотеката и корисни информации.
На околу 40 донатори на книги им беа врачени благодарници за придонесот во збогатувањето на книжниот фонд.




