Одбележани 20 години од смртта на роднокрајниот автор Зоран Ковачевски
Во организација на Општина Охрид и НУ Библиотека Григор денес во Прличевата одаја во НУ Библиотека „Григор Прличев“ беше одржан настан по повод одбележувањето 20 години од смртта на роднокрајниот автор Зоран Ковачевски, со цел афирмација на неговото книжевно творештво и трајниот придонес во македонската литература и културното наследство.


Настанот го отвори Милчо Јованоски, кој во своето воведно обраќање ја истакна важноста од институционалното негување на сеќавањето на значајните автори од Охрид и Македонија.

Со поздравни обраќања се обратија Христина Трпеска, директор на библиотеката, и Весна Јованоска, раководител на Одделението за култура при Општина Охрид, при што беше презентирана и биографијата на Зоран Ковачевски, со осврт на неговиот животен и творечки пат.

Во рамки на програмата, во име на Друштвото на писателите на Македонија и писателите од Охрид, беше најавен и претставен поетот Славе Ѓорѓо Димоски, со што се потенцираше книжевната и културната вредност на делото на Ковачевски во национален контекст.

Присутните имаа можност да проследат читање на избрани критички осврти за делото на Зоран Ковачевски од истакнати книжевни теоретичари и критичари: Димитар Пандев, Тодор Чаловски, Милан Ѓурчинов и Милан Жирчинов, со што беше даден сеопфатен увид во неговиот авторски опус.
Во продолжение беше прочитан расказот „Пејач“, кој претставува значаен дел од неговото прозно творештво.
Особено значаен и емотивен момент од настанот беше обраќањето на членовите на семејството, синот Филип и ќерката Викторија, кои со лични сведоштва придонесоа за целосна слика за ликот и делото на авторот.

Во завршниот дел од настанот, Општина Охрид, преку раководителот на Одделението за култура, им врачи на семејството примероци од изданија во кои е застапен Зоран Ковачевски, а кои се во издание на Општина Охрид.
Со овој настан, Општина Охрид уште еднаш ја потврди својата заложба за негување на културната меморија и поддршка на македонската книжевност и авторите кои оставиле траен белег во културниот развој на заедницата.