Убавините на Охрид и езерото инспирација за младата поетеса Александра Кочовска
Младата поетеса Александра Кочовска од Скопје, на свои 15 години има две збирки поезија и еден краток роман зад себе. Непресушен извор на инспирација вели дека и е Охрид. Нејзината прва збирка поезија „Мојот свет“ напишана на помала возраст е посветена на убавините на градот и Охридското езеро. Во стиховите со еден детски невин сензибилитет таа им се радува на лебедите, охридските цреши, бродовите, тврдината, старите кајчиња, југот кој го бранува езерото. Во моментов Александра ја привршува третата збирка поезија со 30-тина песни во кои повторно главен мотив се охридските убавини.
„ Охрид според мене е најубавиот град, град со традиција, со култура. Го посетувам секоја година. Во летниот период се трудам што повеќе време да поминам тука. Во Охрид претежно пишувам поезија отколку проза. Инспирација ми се природните убавини на Охрид, езерото , за кое како што велам во една од песните„ небото, езерото, ветрот и брановите се едно“. Тоа синило го гледам како една целина.“ – изјави за ТВМ Александра.
Секоја прошетка по пристаништето, кејот, чаршијата, секоја авантура од тврдината па се до Свети Наум за оваа млада девојка е инспирација за творење.
–Кога се движам на овие места, јас танцувам со перото, вели таа.
Пишувањето е свет во кој се чувствувам слободно и исполнето, раскажува Александра, но понекогаш тоа е свет во кој прибегнува кога не се чувствува прифатено во околината. Нејзиниот роман „Булинг“ е инспириран од реални случки од нејзиниот живот доживеани во основно училиште.
„ Ме инспирираше мојата вистина. Сакам да ја поткренам свеста околу тој проблем , затоа што тоа во општеството се задскрива и претставува табу тема. И мислам дека и во иднина тоа мое прозно дело ќе им биде од помош на основци, средношколци, секој кој доживеал булинг. Проблемот е навистина сериозен, а за него многу тивко се говори во општеството такашто мојот прозен текст е всушност мојот глас кренат против булингот. “ – вели Александра.
Александра од септември ќе го продолжи своето образование во средното медицинско училиште Панче Караѓозов во Скопје. Ја сакам медицината и сум возбудена за новите предизвици кои ме очекуваат, вели. Додава дека во иднината се гледа себе си како доктор по медицина, но дека никогаш нема да престане да твори и дека многу сака да живее во Охрид.