Skip to main content

НУ Библиотека Григор Прличев

„Марта“: Tеатарска претстава што ја обработува темата за тивката борба со анорексијата пред охридската публика

Влезниците се по цена од 250 денари, а претставата е наменета за публика над 12 години.
 |  инфодеск  | 

Театар Чекори на 29 мај 2026 година (петок), со почеток во 20:00 часот, во Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе ја изведе театарската претстава „МАРТА“, силна и емотивна приказна која ја обработува темата на анорексијата и психолошките предизвици со кои се соочуваат младите.

Претставата „Марта“, инспирирана од делото „Марта пред огледалото“, претставува интимен театарски запис и покана за влез во светот на една тинејџерка која води тивка, но длабока внатрешна борба. Преку нејзината перспектива, публиката има можност да ја почувствува тежината на состојба која често останува незабележана од околината.

Делото е дополнето со лични монолози и искуства на актерите, што ѝ дава уште поголема емоционална длабочина и автентичност на приказната. „Марта“ не е само театарска претстава, туку и силен повик за разбирање, поддршка и навремена реакција кога станува збор за менталното здравје и нарушувањата во исхраната.

Автор на текстот е Тереса Кало Фонтан, додека режијата и драматизацијата се на Маја Ѓурчевска.

Во претставата настапуваат Нина Неделковска, Зорица Станковска, Петар Мароски, Магдалена Пејова, Ана Шапкарова и Марија Димитрова.

За светло е задолжен Никола Димевски, тон-мајстор е Маја Ѓурчевска, а авторската музика и текст, оригинално компонирани за претставата, се дело на Петар Мароски. Музички соработник е Стефан Јовановски, додека во претставата е користена и авторска музика од АТА.

Постерот е изработен од Елена Апостоловска, а фотографијата е на Михаил Митевски.