Во Охрид промовиран романот „Наследство: За татковината“ од Јордан Коцевски

Во Охрид беше промовиран романот „Наследство: За татковината“ од Јордан Коцевски, последната книга од трилогијата „Наследство“.
Романот ја следи борбата на Душан, еколошки активист кој се соочува со системот во Македонија во период од дваесет години. Паралелно со неговата приказна, Коцевски постепено ги открива мотивите на Организацијата за социјална благосостојба, поврзувајќи ги ликовите и настаните од претходните романи во заокружена целина.
Преку судирот меѓу поединецот и институциите, романот ги отвора прашањата за еколошката одговорност, моќта, идеологијата и границите на борбата за остварување на одредена цел. Приказната за уништувањето на животната средина се испреплетува со поширок политички конфликт, во кој минатото и неговото наследство имаат значајна улога.


На промоцијата, низ разговор со промоторката Марина Димовска, авторот се осврна на процесот на создавање на трилогијата, која започнала како идеја пред десет години. Коцевски зборуваше за нејзиниот развој од првичната замисла до финалната книга, за промените што ги направил во текот на пишувањето и за деталните белешки со кои ја следел хронологијата на настаните и имињата на ликовите, водејќи сметка за доследноста во сите три романи.
Разговорот опфати и повеќе книжевни аспекти на „За татковината“: психолошката обработка на ликовите, поврзувањето на настаните од различни временски периоди и авторскиот пристап кон градењето на приказната. Посебно внимание беше посветено на симболиката на корицата и на нејзината поврзаност со настаните и темите во романот, како и на сугестивноста на насловот.

Со „Наследство: За татковината“ се заокружува трилогијата започната со романот „Наследство: Прозорецот“, а продолжена со „Наследство: Кошмари“. Последната книга ги поврзува претходните приказни и ги разрешува отворените прашања, заокружувајќи ја пошироката приказна за поединците, организациите и системот во кој дејствуваат.
Книгата „Наследство: За татковината“ е финансиски поддржана од Општина Охрид.




