Охридска премиера на филмот „Преекспонирано“
„Преекспонирано”, првиот игран филм на Елеонора Венинова, ќе ја има охридската премиера во НУЦК Григор Прличев-Охрид на 10 мај (среда) и 11 мај (четврток) 2023 година.
Дејството на филмот се одвива околу проблематична тинејџерка ја нарушува кревката рамнотежа на брачна двојка откако доаѓа кај нив на гости на неколку дена. Филмот е сниман на неколку локации во Охрид. Освен препознатливите пејзажи крај Охридското Езеро, го содржи и урбаниот дел на градот.
Азиската премиера на филмот беше на фестивалот во Пуне (Индија) во февруари, а следниот фестивалски настап ќе го има на КинЕст фест во Катанија, Италија.
Венинова е режисерка и сценаристка на филмот во кој улогите ги толкуваат Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска и Марјан Наумов.
Кинематографер е Лев Предан Коварски, музиката ја напиша Линдзи Рајт, сценографијата е на Срѓан Митровиќ, монтажата на Гоце Кралевски, а костимите на Жаклина Крстевска. Продуцент е Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), а копродуцентка Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија). Филмот е поддржан од Агенција за филм, Српски филмски центар и Еуримаж.
Проекциите во НУЦК Григор Прличев-Охрид на 10 мај и 11 мај се со почеток од 20.00 часот. Билетот чини 100 денари.