Промовирана книгата „Охридска урбана иконографија“, импозатно дело на нашата реномирана архитектка Викторија Поп-Стефанија
„Охридска урбана иконографија“ е насловот на последната книга на Викторија Поп-Стефанија, која посхумно беше промовирана вчеравечер во куќата на Уранија во Охрид.
За книгата, која е во издание на Општина Охрид и за значајниот опус на авторката пред присутните зборуваше Ана Крстеска, заменик градоначалник.
Оваа книга, иако е објавена посхумно, ќе остави траен белег во историјата на Охрид.
Заминувањето на Викторија Поп Стефанија е загуба за сите нас, но наследството што го остави ќе продолжи да живее во секоја страница од оваа книга, како и во сите нејзини проекти кои зборуваат за талентот и љубовта кон архитектурата и културната историја.
Општина Охрид со голема чест се потпишува како издавач на ова дело со цел да ја продолжи истражувачката работа и да ги истакне достигнувањата на нашите врвни експерти.
Со своите 200 страници и неколку поглавја, ова издание длабоко ги анализира сите аспекти на урбаното наследство на Охрид, следејќи ги историските промени и периоди кои се одразуваат на архитектонската сцена. Овој труд, претставува врв на теоретската и практичната истражувачка работа која им помага на идните генерации да го разберат и ценат културното и архитектонското богатство на нашиот град.
Би сакала да упатам благодарност до сите оние кои беа вклучени во неговото создавање. Најголема благодарност, секако, упатуваме до семејството на Викторија Поп-Стефанија, кои не удоистоија со нивното присуство, истакна Крстеска во своето обраќање.

Свои излагања посветени на ова значајно книжевно дело имаа и академик Вера Битракова Грозданова, промоторот проф.д-р Иван Додовски и рецензентот проф.д-р Елизабета Шелева.
Настанот беше збогатен со настап на уметниците Љупчо Аслимоски- пијано и Кирил Белистојаноски – виолина.

Книгата „Охридска урбана иконографија“ е објавена во тираж од 150 примероци. Главен и одговорен уредник е Митре Велјаноски, рецeнзент е Елизабета Шелева, јазичната редакција е на Даниела Угриноска, а техничкото уредување на Дамјан Поп Стефанија.