Skip to main content

Охриѓанката Ениз Хилми доби награда за најдобра дебитантска книга за збирката раскази „Градот што не го засакав на прва“

Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“, на конкурсот што традиционално го распишува Издавачката куќа Темплум од Скопје, годинава ја доби охриѓанката Ениз Хилми за збирката раскази „Градот што не го засакав на прва“.
 |  инфодеск  | 

Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“, на конкурсот што традиционално го распишува Издавачката куќа Темплум од Скопје, годинава ја доби охриѓанката Ениз Хилми за збирката раскази „Градот што не го засакав на прва“.

Ениз Хилми е родена во Охрид, таму учела основно и средно образование. Студирала во Истанбул. Работела 13 години во три македонски министерства во Скопје. Еден претпрвомајски ден ја земала ташната и дала отказ. Живее на релација Охрид-Берлин, виа Скопје.

– Поттикот за пишување на овие „берлински раскази“ е поврзан со моите чести и долги престои во Берлин. Одушевеноста ми растеше со секое патување во тој град создаден по човечка мерка, вистински отворен, кој ги почитува и развива различностите. Расказиве се обид и да го документирам малиот приватен живот од почетокот на милениумот, со одредени примеси на фикција, вели Хилми за самиот ракопис.

Жирито во состав Наташа Атанасова, Елена Митреска и Стефан Алијевиќ во образложението за наградата „Новите!“ во 2024 година посочува дека „Градот што не го засакав на прва“ е мемоар, односно патописна проза која гравитира меѓу „утописката“ потрага по загубениот југословенски простор и западниот сенс за организирање на времето и просторот, односно животот.

Текстот го слави космополитскиот дух на големите градови, Берлин во случајов, каде свој дом изминативе години нашле повеќе од милион доселеници од речиси сите земји на светот.