Отров или лек?
Ниту докторите не можат без кафе. Некои му припишуваат лековити својства, а други пак го сметаат за отровно.
Низ светот милиони луѓе не можат да си замислат денот да не го почнат без миризливо кафе. После првата шолја кафе тие се веќе подготвени за новиот ден, а причината за ова не лежи само во вкусот и аромата на овој пијалок. „Кофеинот во кафето го стимулира нервниот систем и срцето“, вели Куно Гутлер, фармаколог и токсиколог на Универзитетската клиника во Келн. „Тој го подобрува протокот на крвта во мозокот и на тој начин овозможува повеќе килсород. Затоа човекот се чувствува подобро и може повеќе да размислува“.
Овој експерт има и други добри вести за љубителите на кафето: тоа може да ја намали лесната мигрена и главоболка кои настапуваат поради слаба циркулација во мозокот. Кај овие мигрени се прошируваат капиларите и на тој начин притисокот паѓа, а секое отчукување од срцето предизвикува враќање на притисокот и главоболка.
Од друга страна пак, не сите научници се убедени за корисните ефекти на кафето. Тие потсетуваат на тоа дека растението кафе всушност произведува кофеин за многу добра причина: за да ги заштити своите пупки од инсектите. Тоа всушност е пестицид, а не некое средство кое е тука за да ни помогне да се чувствуваме подобро. Сосема спротивното: ова средство не е здраво бидејќи го стимулира лачењето на адреналин од надбубрежните жлезди и така нашето тело преку пиењето на кафе е во постојан стрес.
Токсикологот Гутлер сепак додава еден важен детал на овој медицински факт: кафето е многу штетно кај некои луѓе кои се генетски предиспонирани за оваа реакција. „Кофеинот се разградува со помош на ензимот CYP1A2, но постојат луѓе кои генетски излачуваат помалку од оваа состојка. Тоа значи дека кај нив кофеинот многу подолго делува и побавно се разградува“.
Постојат луѓе коишто излачуваат повеќе ензими од вообичаеното и тие може да пијат кафе скоро како да е вода. Но Гутлер предупредува дека не треба да се претерува бидејќи „количината го прави отровот“. Меѓутоа до 0.6 литри кафе, тоа нема да остави негативни последици врз метаболизмот.
{loadposition content9}