Отворена 12-тата Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“
Живописното Вевчани и годинава домаќин и неисцрпна инспирација за врвните светски уметници. Започна 12-тото издание на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански Видувања“, на која ќе творат 25 афирмирани сликари од земјава и странство. Уметниците најчесто се инспирираат од Вевчанските извори, автентичните сокаци, старите куќи, природата на Јабланица.
„Годинава повеќе од 25 ликовни имиња од Македонија и од светот ќе бидат присутни да создаваат прекрасни дела инспирирани од убавините на Вевчани,од архитекрурата, од природата од воздухот. Се надеваме дека ќе создадат дела за кои што со генерации потоа ќе се раскажува“, изјави Ефимија Угриноска организатор на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“.
„Сите викаат овој мецена помага, не помага тој создава. Оваа мецена вечерва ќе створи многу уметнички дела, тој создава еден голем проект“, вели актерот Сашко Коцев.
Како дел од колонијата се организира Летна ликовна школа за деца, во чии рамки повеќе од 40 идни уметнички надежи ќе се запознаат со тајните на сликарската уметност, а нивните дела ќе се продаваат за хуманитарни цели.
„Веќе почнав и секогаш оставам на моменталната инспирација, лани пауните ги сликав овде. Оваа година се уште не знам што ќе ме инспирира“, вели Петар Попчев уметник.
„Впечатоците од Македонија се прекрасни, толку мнгу зеленило овде а луѓето се топли. Воодушевена сум од Вевчанските извори и природата“, вели Ирина Сарачинска уметник од Израел.
Почнувајќи од 2010-та, традиционално во Вевчани се организира Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“. Низ годиниве свој белег оставиле преку 250 врвни сликари, кои и подариле на земјава уменички дела со непроценлива вредност.
Новинар Соња Рилковска