Парламентот изгласа доверба на новата Влада
Парламентот изгласа доверба на новата Влада на премиерот Зоран Заев.
За новата влада гласаа 62 пратеника, 44 беа против, а пет беа воздржани. Пратениците во парламентот гласаа за доверба на новата влада која е составена од 26 министри и со тоа ѝ ставија крај на политичката криза во земјата која траеше речиси три години.
За предложеното решение од мандатарот, а сега новиот премиер Зоран Заев, гласаа 62 пратеника, 44 беа против, а пет беа воздржани. Претседателот на СДСМ и премер Зоран Заев вети дека ќе работи чесно и посветено.
Непосредно пред изборот на новата влада тој даде отчет за програмата, а на почетокот се осврна на прашањето за името, најавувајќи дека решението ќе се носи во разговори со опозицијата и оти крајниот збор ќе го дадат граѓаните на референдум. Тој нагласи дека нивна цел е да најдат решение, а не да го блокираат процесот.
Тој рече дека тешко е да оди во опозиција оној кој има сериозни обвинувања за злоупотреби на власта.
Заев порача дека започнува ново време каде сплотеноста ќе биде императив.
Меѓу другото тој потенцираше дека проектите од претходната влада кои се добри, како што се изградбата на железницата, ќе продолжат да ги реализираат. На крајот од излагањето тој побара поддршка и од сите партии за реформите.
Заев исто така вети дека новата влада ќе одржи лекција по економија во земјата.
Непосредно пред гласањето, во законодавниот дом се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој рече дека неговата партија била предмет на операција на надворешни центри со цел промена на власта во земјата.
Како што рече Груевски, главна причина за ова надворешно дејствување било барањето на ВМРО-ДПМНЕ за фер решение за името. Тој посочи дека стратешка цел на партијата е фер решение, а не решение кое ќе ја обезличи државата. Според него, од новото парламентарно мнозинство очигледно се очекува поинаков пристап кон прашањето за името.
Груевски во својот говор истакна дека ВМРО-ДПМНЕ за време на нивното владеење направиле многу реформи и оти досега немало власт со поголем учинок.
Изборот на новата влада следи откако пратениците во Собранието два дена расправаа за нејзиниот состав и програма.
Во текот на дискусијата пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ искажаа критики дека понудената владина програма е гол популизам и оти има општи тези без конкретни рокови. Тие имаа критики и за зголемениот број министри. Пратениците од СДСМ, пак, изјавија дека предвидените проекти се гарантирани зашто се базираат на реални проекции и можности, а владиниот тим го сочинуваат луѓе докажани во својата струка.
На вториот ден од расправата за избор на новата влада од ВМРО-ДПМНЕ можеа да се слушнат забелешки и до претседателот на Собранието Талат Џафери дека само на пратениците од нивната партија им се обраќа на албански јазик, со што го крши законот.
Џафери, пак, истакна дека се додека за нив е пратеник, нема ништо спорно така да им се обраќа.
„Како ќе се однесувате кон мене, така и ќе ви се обраќам. Не сум обременет од тој аспект“, рече тој.
Новото владејачко мнозинство, пак, своите говори ги фокусираше на инсистирања за расчистување на начинот на кој досега владееше ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го недемократски, но и на расчистување на инцидентите од 27 април во Собранието.
Во новата влада, според предлог-составот што го достави Заев, министри има коалицијата предводена од СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеници во 120-членото Собрание.
Од редовите на СДСМ и коалицијата Радмила Шеќеринска е министер за одбрана, Оливер Спасовски – за внатрешни работи, Драган Тевдовски – за финансии, Никола Димитров – за надворешни работи, Рената Тренеска Дескоска – за образование и наука, Горан Сугаревски – за транспорт и врски, Љупчо Николовски – за земјоделство, Мила Царовска – за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски – за информатичко општество и администрација, Роберт Алаѓозовски – за култура. Кочо Анѓушев е министер без ресор и ќе биде вицепремиер за економски прашања. Министри без ресор се и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.
Министри без ресор од ДУИ се Хазби Лика, Бујар Османи, кој ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, и Рамиз Мерко. Садула Дураку е министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши министер за економија и Билен Саљији министер за правда.
За третиот владин коалиционен партнер, Алијансата за Албанците, остануваат министерствата за здравство и за локална самоуправа.
Пред продолжението на оваа седница, пратениците ја завршија конститутивната собраниска седницата на која беа избрани претседател, заменик претседател, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија и седница за избор на работните тела.
За утре е најавена и нова седница во Собранието на која меѓу точките на дневен ред се екстерното тестирање и изборниот законик.
Преземањето на премиерската функција на Заев го означува крајот на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.