Пенелопе Круз повторно наградена
Пенелопе Круз ја доби Националната филмска награда на Шпанија за 2022 година, соопшти тамошното Министерство за култура и спорт.
Како што е наведено на официјалната интернет-страница, жирито едногласно ја наградило глумицата за достигнувањата во 2021 година, кои се додадени на сето она што го постигнала во нејзината кариера. Покрај тоа, Пенелопе Круз е првата Шпанка која ја добила наградата за најдобра женска улога на Филмскиот фестивал во Венеција за нејзината улога во филмот „Madres Paralelas“ на Педро Алмодовар. Номинирана е и за четири „Оскари“ низ годините досега.
Со својот огромен талент и извонредните изведби, Пенелопе Круз со десетлетија ја сместува нашата култура на врвот – објави жирито на Твитер.
Националната филмска награда на Шпанија се доделува секоја година за севкупен придонес во шпанската филмска индустрија.