Петто издание на Меѓународниот хорски фестивал „Гласот на Охрид”
По петти пат, утревечер ќе се одржи Меѓународниот хорски фестивал „Гласот на Охрид” организиран од охридскиот градски хор „Вокс Лихнидос”.
И овој пат преку изборот на композиции ќе ја приомовираат домашната и светската хорска традиција.
Ќе настапат со четири композиции: Ubi caritas – Maurice Duruflé, Море сокол пие со солистите Драга Ставреска, Јасна Чепуњоска, Мирјана Мартиноска и Виолета Цветковска , традиционалната кeниска песна Wana Baraka – арр. Shawn Kirchner и Kiss from a Rose – арр. Stefan Wyatt со пијано придружба на Гоце Гавриловски.
Покрај домаќините, ќе настапат хорот „Атендите” при Културниот центар Кикинда и женскиот, мешаниот хор и детската вокална група „Бачки певачи” од Врбас, Србија, мешаниот хор при КУД „Стив Наумов” од Битола и женскиот хорски ансамбл од Феризај, Косово.
Фестивалот ќе се одржи во катедралната црква „Св.Софија”, почетокот е во 20:00 часот, влезот ќе биде слободен, a 2S Студио ќе го пренесува преку live stream.
Охридскиот градски хор зад себе има традиција од полни 58 години, од 2015 година го носи името „Вокс Лихнидос” и е успешно предводен од диригентот Бурим Хидри. Настапите на Вокс Лихнидос во Охрид, низ Македонија, но и надвор се поздравени со аплаузи и овации, но и позитивни критики од познавачите на хорското пеење.
За следната хорска сезона планирано е учество на Меѓународен хорски натпревар во Херцег Нови и на фестивал во Темишвар.