Skip to main content

IN MEMORIAM

Почина Мето Јовановски, бардот на македонското глумиште

Првата филмска улога ја остварува во „Македонскиот дел од пеколот“, а неговиот опус во македонската и ексјугословенската кинематографија брои 100 улоги на филм и ТВ.
 |  инфодеск  | 

На 77-годишна возраст денеска почина театарскиот, филмски и телевизиски актер Мето Јовановски.

Роден е во 1946 во с. Панчарево, Пехчевско. Актерската кариера ја започнал на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. Во 1971 година завршил Театарска академија во Софија, Бугарија и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.

Првата филмска улога ја остварува во „Македонскиот дел од пеколот“, а неговиот опус во македонската и ексјугословенската кинематографија брои 100 улоги на филм и ТВ. Неговите незаборавни улоги се во филмовите „Најдолгиот пат“, „Црвениот коњ“, „Среќна нова ’49“, „Тетовирање“, „Време води“, „Пресуда“, „Оловната бригада“, „Време, води“, „Македонска сага“, „Пред дождот“, „Ангели на отпад“, „Трето полувреме“, „Златна петорка“, „Засега без добар наслов“, „Куќа покрај пругата“…

За своите театарски, филмски и телевизиски актерски остварувања ги има добиено највисоките државни награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“, како и десетици други награди и признанија од филмската и театарска фела.

Неговите реплики и ден денес имаат култен статус.