Почина македонската пејачка легенда Владо Јаневски

Македонската музичка сцена вечерва изгуби едно од своите најголеми и најпрепознатливи имиња. По кратко боледување, на 66-годишна возраст почина познатиот музичар и пејач Владо Јаневски.
Јаневски беше еден од најпознатите македонски поп-изведувачи, со богата музичка кариера и шест студиски албуми зад себе. Зад себе остави голем број хитови, меѓу кои „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“.
Роден е на 27 ноември 1960 година во Скопје, објави 4news.mk Дипломирал на Филолошкиот факултет, на Катедрата за англиски јазик и литература. Во текот на кариерата бил член на музичките групи „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“, а свирел клавир, гитара и тапани.
Во својата богата кариера настапувал на бројни домашни и меѓународни фестивали. Во 1998 година стана првиот официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија, каде во Бирмингем настапи со песната „Не зори зоро“.






