Skip to main content

Фестивал Охридско лето

Полска вечер на Охридско лето со концертот на гудачкото дуо Салвадор

Ќе бидат изведени дела од Бах, Моцарт, Халворсен, Сибелиус, Фухс, и Барток.
 |  инфодеск  | 
Полска вечер на Охридско лето

Вечерва на музичката програма на Фестивалот Охридско лето е полска вечер со виолина и виола. Во црквата Св Софија концерт ќ еодржи гудачкото дуо Салвадор со почеток во 21 часот. Ќе бидат изведени дела од Бах, Моцарт, Халворсен, Сибелиус, Фухс, и Барток.

Емануел Салвадор-виолина

Емануел Салвадор според стручниот магазин „Страд“ е еден од најдобрите виолинисти од  неговата генерација. Настапувал како солист, камерен музичар и концерт-мајстор на концертните сцени во В. Британија, Казахстан, Кина, Јапонија, Португалија, Холандија, Мексико, Турција, Шпанија, Италија и Германија. Во 2005 година дипломира на школата за музика и драма „Гилхол“, а студирал и на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Како солист и концерт-мајстор настапувал со Шпанскиот национален оркестар, со Националниот оркестар во Бразил, Класичниот оркестар во Сеул, филхармониите во Адана, Монтереј, Краснојарск и многу други. Основач и водач е на квартетот „Гумераиш“ од Португалија со кој редовно остварува настапи во Европа и Азија. Од 2005 до 2015 година Салвадор е концерт мајстор на Оркестарот „Норте“ во Амаранте, Португалија. Емануел Салвадор има снимено неколку албуми и реализирано успешни концертни турнеи во Југоисточна Азија, Кина, Јапонија и САД.

Емилија Гох Салвадор- виола

Емилија Гох Салвадор дипломира со највисоки оценки на музичката академија

„Јан Падеревски“ во Познан во класата на проф. Доминик Рутовски. Во 2008 година го основа гудачкиот оркестар „Балтик Неополис“ и истовремено е раководител на Оркестарската асоцијација „Балтик-Неополис“ која е една од најдинамичните културни невладини организации во Полска. Од 2005-2018 година соработува со бројни ансамбли и оркестри како   ансамблот „Солисти на Германската опера“, „Солисти на Ковент Гарден“, свири во оркестарот на кралската опера „Ковент Гарден“, настапува со Симфонискиот оркестар на Индија и квартетот „В4-Вишеград“ и др. Нејзините концерти ја носат во концертните сали низ Индија, Норвешка, Естонија, Германија, Данска, Чешка, Грција, Сингапур, Тајланд, Малезија, Виетнам и Филипините. Од 2012-2015 година таа е соработник на театарот „Садлерс Велс“ во Лондон за балетските продукции „Сутра“ и „Орбо Ново“. Со „Балтик-Неополис“ оркестарот реализира повеќе носачи на звук и успешно настапува на оркестарски турнеи во Кина и Јапонија. Од 2016 година е постојан член на португалскиот квартет „Гумераиш“ со кој редовно концертира.

Емилија Гох Салвадор е професор на Уметничката академија во Шчечин од 2013 година, а од 2019 година организира мајсторски курсеви за виола во Шчечиин и Гумераиш.