Посета и можност за идна соработка меѓу библиотеките од Охрид и Корча
Во рамките на Програмските активности во делот на меѓународната соработка деновиве вработени во НУ Библиотека „Григор Прличев“ предводени од в.д. директорката на установата Христина Трпеска беа во еднодневна студиска посета на Јавната библиотека „Тими Митко“ од Корча, Албанија.

Библиотеката „Тими Митко“ во Корча е основана пред 104 години и има значајна улога во зачувувањето на албанската културна и научна традиција. Во својата историја долга еден век таа функционирала на повеќе локации низ градот, но секогаш била дом на книгата и средиште и двигател на културниот живот на жителите на Корча и регионот.
Инаку, новата библиотека во Корча била пуштена во употреба на 7 февруари 2021 година. Оваа модерна библиотека е прва во соседна Албанија која го комбинира традиционалното библиотечно искуство со напредни дигитални технологии, создавајќи инклузивен простор за учење и креативност. Библиотеката нуди отворен фонд на книги, скенери и дигитални системи за пребарување, што ја прави првата модернизирана библиотека во Албанија.

Дополнително, внатре е отворен центар за информатичка технологија, каде што младите можат да учат и да се подготвуваат за работа на глобалниот онлајн пазар. Овој проект има за цел да ги задржи младите во земјата и да им овозможи пристап до нови можности за вработување без да мораат да мигрираат.
-Посетата отвори нови видици за сите вработени во охридската библиотека а начелно е договорено да продолжи соработката меѓу двете Библиотеки со заеднички проекти кои би се спроведувале паралелно во двата града, но и со вклученост на читателите од двете Библиотеки, информираат од Н.У Библиотека Григор Прличев.