Skip to main content

Поскап бензин, поскап дизел

Понекогаш збунувачкото движење на цените на нафтените деривати е резултат на сложеноста на механизмот со кој државата ги контролира малопродажните цени на горивата.

бензин

Понекогаш збунувачкото движење на цените на нафтените деривати е резултат на сложеноста на механизмот со кој државата ги контролира малопродажните цени на горивата.

бензинОд денес македонските граѓани плаќаат 3 денари поскап дизел, а само 0,50 денари повеќе за литар бензин. Со тоа разликата меѓу нивните малопродажните цени се намали за два ипол денари – 62,50 наспроти 47 во споредба со претходните 62 односно 44 денари. Понекогаш збунувачкото движење на цените на бензинот и дизелот е последица на сложената математичка формула според која се пресметуваат максимално дозволените цени на горивата кај нас. Според неа, најголем дел од парите што ги плаќаме за гориво оди за покривање на рафинериската цена, која во моментов за бензинот од 95 октани изнесува 26,478 денар, за бензинот од 98 октани 28,113 и за дизелот 23,319 денари. Неа регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија ја корегира на секои две недели врз основа на просечната цена на сурова нафта во тој период, курсот на денарот во однос на доларот и референтните цени на соодветните нафтените деривати на светскиот пазар. Секој фактор си има своја тежина во формулата за пресметка, а кога ќе се случи еден параметар повеќе да оди горе, а друг помалку како што сега кога нафтата и дериватите поскапеа секој со различен процент, а доларот пак поевтини, тогаш е можно и цените да се менуваат со различна брзина.

бензинНо, математиката тука не застанува. На рафинериската цена на горивата се додаваат акцизите (21,818 денари за еуросупер БС-95, 21,878 за еуросупер БС-98 и 12,482 денари за еуродизел БС Д-Е V), кои се променливи само во износ колку да се заокружи на цел или половина денар крајната цена. Нејзиното ѕидање продолжува понатаму со фиксните трошоци за промет кои изнесуваат 3,20 денари за литар од било кое гориво, трошоците за превоз од 0,50 денари за литар, надоместокот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати од 0,89 денари за литар бензин и 0,30 денари за литар дизел и надоместокот за финансирање на активностите во областа на животната средина од 0,08 денари за литар бензин и 0,03 денари за литар дизел. На крај, на сето ова, се додава уште 18% ДДВ.