Skip to main content

Постхумна изложба „Езерски брегови“ во Струга во чест на академскиот сликар Таки М. Павловски

Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга вечерва се отвора изложбата „Езерски брегови“
 |  инфодеск  | 

Во Националната установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, со поддршка на Министерството за култура и туризам, од денес до 5 август 2026 година ќе биде поставена постхумната изложба циклус ,,Езерски брегови“, посветена на творечкиот опус на академскиот сликар Таки М. Павловски.

Изложбата е дел од монографската едиција „55 години творештво (1966–2021)“ и претставува достоинствено оддавање почит на еден од најавтентичните и најзначајните македонски ликовни уметници, чие дело остави длабока и трајна трага во историјата на современата македонска уметност.

-Со својот препознатлив ликовен јазик, Таки М. Павловски создаде безвременски дела што ги надминуваат границите на визуелниот израз, отворајќи нови уметнички хоризонти и влијаејќи врз развојот и насоките на македонската ликовна сцена. Неговото творештво е сведоштво за непрестајната потрага по суштината на формата, светлината и просторот. Циклусот „Езерски брегови“ претставува едно од највпечатливите поглавја во неговиот богат творечки опус. Со овие дела авторот преминува од геометризам во лирична апстракција,создавајќи визуелна поезија инспирирана од езерскиот пејзаж, неговата тишина, светлина и бескрајност. Секоја слика е простор за лична интерпретација и длабоко естетско доживување, во кое природата и емоцијата се преточени во универзален уметнички јазик, велат организаторите.

Од таму додааат дека посебен придонес во реализацијата на оваа изложба има неговата ќерка, академската сликарка д-р Марија Павловска која со голема посветеност и почит кон творечкото наследство на својот татко овозможи неговите дела повторно да заживеат пред публиката, продолжувајќи да ја раскажуваат приказната за еден исклучителен уметник чие творештво останува трајна духовна и културна вредност.

Куратор на изложбата е Христијан Томан, а свеченото отворање е во 20 часот.