Skip to main content

„Културолошка иницијатива 5 до 12“

Прекрасна завршница на алтернативното лето на „Културолошка иницијатива 5 до12“

Петотто издание на алтернативното културно-забавно лето „Културолошка иницијатива 5 до 12“, ни донесе доза култура достојна за првиот јубилеј. Младите и возрасните на едно место, уживаа во бројни содржини и настани. За вистинското доживување, покрај екипата на културолошката иницијатива, голема улога одиграа и прекрасните природни и културни сцени, кои во изобилство  ги имаме.
Изложба Симјански

Викендов се одржа и последниот настан од 5тата јубилејна година на алтернативното културно-забавно лето „Културолошка иницијатива 5 до 12“. Една невообичаена староградска вечер на културата, на специјална локација на отворено Музејско-културен центар „Лапидариум“, го означи крајот на првиот јубилеј на оваа прекрасна манифестација. Младите и возрасните на едно место, пулсираа во ритамот на уметноста, музиката, забавата, на младите и надежни уметници, но и на реномираните медиуми на уметноста од градов во било која нејзина форма.

Изложба Симјаноски Културолошка инизијатива 5 до 12

Пресекот на творештвото на Ѓоко Симјаноски, како автор на ликовни дела, изработени во техника сув пастел, со охридски мотиви, ликовни дела на портрети на познати филмски ѕвезди од стариот Холивуд, изработени со молив и фотографии со мотиви од Охрид, насловен како „ТВОРЕШТВОТО НА ЕДЕН АВТОР“, покажа дека на младешкиот ентузијазам потребно му е и искуството и знаењето на повозрасните генерации.

„Јас се надевам дека таа соработка, меѓу помладите и поворасните дава резултати. Особено заради тоа што ние повозрасните со своето искуство можеме да  ги посоветуваме и да им дадеме некакви насоки во нивната работа. А пак тие од друга страна не запознаваат со се она што е нивното време. Нивниот нов дух. И чинам дека таквата соработка, меѓу повозрасните и помладите, секогаш дава резултати.“ – изјави за ТВМ Ѓоко Симјаноски – сликар и фотограф.

Изложбата на Симјаноски беше поделена на три дела, со три различни целини, поставена на три различни висински нивоа, со изложени 40 експонати.

Симјаноски изложба Културолошка иницијатива

На јубилејната последна вечер, музичка изведба имаше и младата Кристина Љушкоска. Оваа талентирана охриѓанка, која ја избрала флејтата како музички сопатник, Македонија и Охрид ги има претставувано на многу државни  и меѓународни натпревари и фестивали во земјава и странство и е добитник на многу награди и признанија, оценувани од реномирана комисија. Неизовставен дел беше и поетското читање насловено едноставно – „ИМАМ НЕШТО ДА ТИ КАЖАМ“.

Јован Цветкоски од „Културолошка иницијатива 5 до 12, вели дека зад нив се месеци со многу работа и неизмерно задоволство од постигнатото. Оваа година програмата започна со еден од најголемите настани во претходните години во Охрид, а тоа е отвореното летно кино со автомобили, Summer Drive-in Cinema, настан кој започна за време на пандемијата и се покажа како многу популарен. Покрај летното кино на отворено, староградска пловидба со „Ансамблот Билјана“, охриѓани и туристите уживаа и во натпревари во возење скејтоборд и други спортски активности, а се тоа на најатрактивните локации кои нашиов град ги нуди.

„Во многу од настаните, еден во последниот конкретно и за други настани имавме соработка, со луѓе кои се во Охрид буквално толку години, творат тука, уметници, музичари. Соработката и размената на искуство на младите нашиот ентузијазам, нивната зрелост и искуство и она што досега го имаат направено е навистина една спојка која што почесто треба да се случува, бидејќи двете страни си даваат ветар во грб и раземна на енергија, различни периоди е нешто што никако не може да се направи и купи.“ – изјави Јован Цветкоски – „Културолошка иницијатива 5 до 12.

Покрај главната програма, иницијативата годинава донесе настани и од off програма, настани објавени во 5 до 12, мистериозни настани организирани преку стара школа принципот со SMS пораки, и настани кои ќе се реализираат до крајот на оваа календарска година. Цветкоски за следната година најавува, користење на просторот на Младинскиот културен центар во поранешната касарна и еден малку поинаков и поконцентриран концепт на алтернативното културно-забавно лето на „Културолошка иницијатива 5 до 12“.