Премиера полна емоции, охриѓани го погледнаа филмот „Охрид, Охрид убав мил“ на режисерот Пиперкоски
Синоќа во големата сала на Општина Охрид, се одржа промоција на документарниот филм „Охрид, Охрид убав мил“ на охридскиот режисер Илија Пиперкоски. Филмот го прикажува настанувањето на познатата охридска староградска песна “Охрид, Охрид убав мил“, авторско дело на последниот голем охридски трубадор Сотир Димитровски – Зингал.
Според зборовите на авторот, овој документарец е прв во серијалот кој ќе биде снимен, со работен наслов „Раскажи песно“, а ќе обработува чалгиски староградски песни и нивното значање за македонската музичка култура.
„Оваа серија е визуелно патување во срцето на македонското наследство, додека навлегуваме во универзалниот јазик што ги поврзува генерациите – музиката. Документарниот серијал „Раскажи песно“ се обидува да ги разоткрие приказните вткаени во ткивото на чалгиските и староградските песни, претставувајќи го културното богатство на Охрид, град со право наречен „музеј“ и „уметничко богатство“ низ вековите.“ – вели режисерот Илија Пиперкоски.