Претставата Бара вечерва го отвора осмото издание на фестивалот „Вдиши Театар“
„Вдиши Театар“ по осми пат во Охрид. Во тридневната програма, повеќе од 30 талентирани млади актери аматери од организациите на Црвен крст од Охрид, од Суботица и Црвен крст од Крагуевац, Србија, ќе го покажат својот актерски талент, умешност и креативност.
Осма година по ред љубителите на театарската игра ќе може да уживаат во претставите, кои, годинава, за нив ги подготвија актерите аматери од Охрид, но и од земјите од соседството, во рамки на годинешното издание на на Меѓународниот Аматерски Младински Театарски Фестивал, со наслов „Вдиши Театар“. Фестивалска приказна која и после една деценија не загуби ни трошка од својата свежина, актуелност и амбиција, со една единствена цел, да ја згасне жедта за театарот кај Охрид и туристите.
„Ние имавме и желба и идеја, меѓутоа не бевме свесни за овој успех што го постигнавме. Не се надевавме но ете, од самиот старт прераснавме во меѓународен, од одма ги искористивме нашите капацитети и нашата креативност и верувајте, тие млади луѓе и волонтери се тие коишто ја одржуваат нашата енергија и се вложуваат во самата актерска игра и сценариото и едноставно го извлекуваат и тие од нас и ние од нив најдоброто.“- вели Весна Терзиоска.
А, вечерва, дел токму од тие најдобрите, актери аматери од Црвен крст Охрид,ќе ја имаат честа да го отворат фестивалот во предворјето на црквата -Св.Софија, со почеток во 21:00 ч., со театарската претстава „БАРА“. Амбициозни и љубопитни, од самиот почеток вљубени во улогите кои ги толкуваат, пред публиката ќе донесат едно прекрасно сценско доживување.
„Ја играм улогата на новинарката, која е доста праведна, упорна и бунтовна личност. Се бори на еден интересен начин, да ги прикаже неправдите кои се случуваат во општеството и да ги осветли случаите на жртвите на системот. “- кажа Сара Петкоска – волонтер „Црвен Крст – Охрид“.
„Ги толкувам улогите на Тања и Линда. Тања е лик кој недоволно се бори за нејзиниот живот, трпи насилство од својот сопруг, и е потисната од ова општество, додека Линда е лик кој може да се пронајде во секоја институција во денешно време, за жал личност повеќе вреднувана од оние кои навистина вредат.“ – изјави Софија Јаковлева – волонтер „Црвен Крст – Охрид“.
„Претставата „Бара“ е всушност метафора за оваа наша земја. Ги толкувам улогите на Петар и полицаецот. Петар е угледен граѓанин, семеен насилник и негативецот во претставата, и за жал многумина од мажите може да се пронајдат во овој лик.“- изјави Ѓорѓи Целевски – волонтер „Црвен Крст – Охрид“.
„Бара“ е авторско и режисерско дело на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц. Блажеска вели дека инпутот, свежината и информациите кој младите актери ги донеле во оваа претстава е нејзиниот вистински квалитет, бидејќи станува збор за третирање на актуелна тема.
„Во текстот имаме три паралелни приказни, навидум различни но во основа сите ги поврзува едназ њаедничка голгота низ која поминуваат борејќи се со институциите. Идејата беше да се покаже колку нефункционирањето на институциите влијае на животот на поединецот. Овие млаинци со кои работиме доста се запознаени како и не изненадуваа со одредени реплики, колку ги следат сите работи и колку размислуваат со своја глава.“ -изјави Емилија Блажеска – сценарио и режија.
Во тридневната програма, својот актерски талент, умешност и креативност, низ 3 театарски претстави ќе го прикажат повеќе од 30 талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од Охрид, Црвен крст Суботица и Црвен крст Крагуевац, Србија.
Овогодинешното издание на Аматерскиот Театарски Фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ е во организација на Црвен крст Охрид и со поддршка на општина Охрид.