Промовирана книгата „Бајкоград“ од роднокрајната авторка Ана Цветаноска

Во рамките на одбележувањето на манифестацијата „Месец на книгата“, денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“ беше промовирано најновото дело на роднокрајната авторка Ана Цветаноска – „Бајкоград“.
Поздравен збор одржа директорката на установата, Христина Трпеска, која истакна дека Библиотеката била и секогаш ќе биде отворена за сите писатели и творци од Охрид и пошироко, како и дека претставува место за креативно изразување во сите облици и форми.

Присутните во светот на илустрираната книга „Бајкоград“ ги воведоа актерите Христина Цветаноска и Томе Станковски, на интересен и несекојдневен начин, преку дијалошка и интерактивна форма. Тие успеаја да ги вклучат и децата, кои со своите прашања и коментари станаа активни учесници во бајките.
Промотор на книгата беше м-р Милчо Јованоски, вработен во Библиотеката, кој, меѓу другото, истакна:
„Како урнек и модел за пишување бајки, со посебен порив за децата, Ана ги има своите внуци, децата од нејзината улица и луѓето околу себе. Петте современи бајки во себе содржат патокази што водат кон митови, легенди и преданија. При нивното читање лесно се препознава дека Цветаноска ги сместила во Охрид и неговата околина, покрај синото езеро, околните планини и села.
Вреди да се споменат нивните наслови, со кои полека се гради мозаикот. Петте бајки ги носат следниве наслови, а секоја од нив е приказна за себе: „Самовилска пештера“, „Двете сестри“, „Царот и девојката“, „Овчарчето и црниот бисер“ и „Малиот Јане и козата“.

„Бајкоград“ од Цветаноска претставува прекрасна збирка оригинални детски приказни, исполнети со топлина, имагинација и животни поуки. Авторката, со едноставен и разбирлив јазик, создава свет во кој магијата, пријателството и добрината се секогаш присутни и меѓусебно се преплетуваат. Бајките изобилуваат со описи на самовили, цареви, принцези, девојки-риби и овчарчиња, а често се на границата меѓу реалноста и фантазијата.
Секоја бајка носи посебна порака – некои нè учат на храброст и упорност, други на љубов кон природата, а трети на вредноста на семејството и пријателството. Преку симпатични ликови, волшебни настани и поетски опишани ситуации, Ана Цветаноска успева да ги поттикне децата да размислуваат и да сонуваат.

Книгата, збогатена со прекрасните илустрации на Марио Каев, станува уште попривлечна за најмладите, но и за возрасните читатели“, рече Јованоски.
Во вториот дел од промоцијата се одржа креативна работилница, на која учениците од четврто одделение од ООУ „Св. Климент Охридски“ создаваа цртежи инспирирани од слушнатите бајки и од самиот настан. Со нив беше и наставничката Валентина Кузманоска.
Во реализацијата на настанот беа вклучени и колегите Елизабета Бојчевска, Владимир Куциноски и Никола Ристовски.





