Промоција на книгата „Од архивите на Македонското литературно друштво Григор Прличев од Сиднеј“
Денеска од 19 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе биде промовирана книгата „Од архивите на Македонското литературно друштво Григор Прличев од Сиднеј“ од авторот Иван Трпоски.
Промотор ќе биде д-р Виолета Ачковска а на присутните ќе им се обрати и авторот Трпоски.
Инаку Трпоски е роден во Волино и од 1968 год. живее и твори во Сиднеј, Австралија. Тој е член и долгогодишен библиотекар и архивар во Литературното друштво „Григор Прличев“ од 1979 год., на Училишниот одбор за Нов Јужен Велс од 1980 год., на Друштвото на писателите на Македонија од 1988 год. и на Здружението на новинарите од Македонија од 1995 година.
Неговиот најнов труд содржи богат избор од документи и претставува своевидна хроника и обликуван приказ на севкупната активност во 45-те години постоење и дејност на една од најпознатите македонски писателски асоцијации на петтиот континент – Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј.
Книгата е портрет на 350 творци, почнувајќи од претседателот на друштвото Душан Ристевски и сите останати членови заедно, кои во изминатиот речиси половина век направија толку многу, а толку далеку од родната земја. Преку, творештвото на мајчиниот македонски јазик,и низата други активности, тие го афирмираат и негуваат и македонското име и македонскиот етникум во Сиднеј, Нов Јужен Велс и пошироко.
Претходно книгата беше промовирана во МАНУ во Скопје.