Skip to main content

Промовирано петтото издание на поетската збирка „Тие доаѓаат“

Во Охрид беше промовирано јубилејното петто издание на поетската збирка „Тие доаѓаат“, во која се застапени творби на млади литературни таленти. Проектот на Општина Охрид продолжува да ја поттикнува креативноста кај учениците и да им отвора простор на младите автори да го изразат својот талент преку поезијата.
 |  инфодеск  | 

По повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, во Охрид беше промовирано јубилејното петто издание на поетската збирка „Тие доаѓаат“, во која се објавени творби на млади автори. Проектот на Општина Охрид со години ја поттикнува креативноста кај учениците, ја негува љубовта кон македонскиот јазик и им дава можност на младите поети да ги претстават своите литературни творби.

Промоцијата се одржа во Галеријата на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, во присуство на ученици, наставници, љубители на пишаниот збор и културни дејци. На настанот беше истакнато значењето на збирката како поттик за младинското литературно творештво и потврда дека интересот за поезијата кај младите генерации продолжува да се развива.

Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, истакна дека петтото издание претставува потврда за континуитетот и вредноста на проектот.

„Петто издание за еден литературен труд во денешно време не е само обична бројка или статистика, тоа е најцврстиот доказ дека книгата живее, дека пулсира и дека пораката што ја носи, живее со душата на читателот“, рече Божиновски.

Тој посочи дека насловот „Тие доаѓаат“ симболизира нови генерации, идеи и погледи, нагласувајќи дека преку ваквите изданија се поттикнува љубовта кон книгата и се придонесува за негување на македонскиот јазик.

Уредникот на изданието, Митре Велјаноски, истакна дека од бројните културни проекти во кои учествувал во изминатите две децении, особено се гордее со „Тие доаѓаат“, бидејќи успеал да ја поттикне љубовта кон пишувањето кај младите.

Тој упати благодарност до Општина Охрид за поддршката, посочувајќи дека во реализацијата на изданието значаен придонес има и рецензентот, уредникот и преведувачот Славе Ѓорѓо Димоски, еден од истакнатите современи македонски поети. На младите автори им посака во иднина да објават и свои самостојни книги.

Приредувачот на збирката, Славе Ѓорѓо Димоски, нагласи дека низ сите пет изданија се провлекува идејата за јазикот како жив организам, во чиј развој младите творци активно учествуваат преку своите поетски објави.

На промоцијата се обрати и директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“, Христина Трпеска, која ја истакна соработката со Општина Охрид и значењето на проектите наменети за децата и младите.

Таа потсети на бројните активности на библиотеката за поттикнување на читањето и креативноста кај најмладите, меѓу кои „Читаме гласно и раскажуваме“, „Езерска библиотека – влез во брановите на приказните“, „Прличев во бранови – традицијата оживува“, „Storybook Studio“, натпреварот „Млади библиотекари“ и работилниците за креативно пишување.

Трпеска им честиташе на младите автори и нивните ментори, оценувајќи дека поетската збирка е уште една потврда за талентот на охридските ученици и за важноста на поддршката на нивните први творечки чекори.

Во продолжение на настанот, учениците, заедно со писателката за деца Розе Костеска, прочитаа дел од поетските творби застапени во новото издание.

Промоцијата заврши со свечено доделување примероци од книгата на учениците чии творби се објавени во збирката и на нивните ментори, како поттик за нови литературни остварувања и продолжување на традицијата на младинското поетско творештво во Охрид.