Skip to main content

Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид

Промовирана книгата „ОХРИДСКА ТВРДИНА – Монети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции“

Промоцијата се одржа во спомен куќата на Христо Узунов во 12 часот, со присуство на колеги, љубители на нумизматиката, членови на семејството.
 |  инфодеск  | 

Вчера, по повод 18 мај, меѓународниот ден на музеите беше промовирана книгата ОХРИДСКА ТВРДИНА – Монети на Римската Република, Римската империја и на нивните провинции (211г.п.н.е.-238г.н.е.) од авторот Даница Размовска Бачевска.

Промоцијата се одржа во спомен куќата на Христо Узунов во 12 часот, со присуство на колеги, љубители на нумизматиката, членови на семејството.

Како домаќин се обрати директорот м-р Горан Патчев со осфрт на меѓународниот ден на музеите како празник на музеите и дискусија околу универзалната идеја за музеи без граници како тема на интерес на годинешната прослава, односно вмрежувањето на музеите кои соработуваат заради збогатување и модернизирање на музејските наративи и инклузивност. Во таа смисла се спомна соработката во музејските мрежи на ИКОМ, Балканската Музејска Мрежа (БМН) и Мрежата на Европски градови со тврдини (Форте Култура).

Промоторот Јорданка Матова говореше за делото и авторот а самата авторка даде детално излагање на содржината на изданието кое е несомнено од голема важност за светската нумизматика.

Циркулацијата на монети во Охридската тврдина од III век п.н.е. до III век н.е. го потврдува фактот за Лихнид-Охрид како регионален центар во античкиот период. Разнобразието и богатството на изложениот нумизматички матријал од Лихнид e резултат на неговата географска положба и на рудните богатства во античка Македонија кои довеле до силна монетарна продукција што била основа за внатрешната и надворешната стокопарична размена во трговијата од тоа време на овие наши простори, велат од Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.