Промовирана песната „Тастатурски јунаци“ oд охридско – струшкиот Метео бенд
Во слаткарата „Кај МАМА“ на „Мама Љубинка“ помеѓу Градскиот пазар и КАМ маркетот, денеска точно напладне беше промовирана песната „Тастатурски јунаци!“ на охридско-струшката Метео Екипа.
– Кога немаш што да правиш, сакаш да ти помине времето поинтересно. Славчо си има проблеми со коментари со „тастатурскиве јунаци“, а Љупчо Лепи Јане, Нане и Џамто знаеме да правиме малку мајтап. Тоа „тастатурски јунаци“ ми се виде интерсно, па им реков на колегите од Супер радио да направиме една песна. Се направи песната, диџеј Реџи дојде снимаше, екипата на Супер радио и Be1 Digital Marketing сѐ средија. Ова е чисто една шега, не е ништо страшно. Ќе има интересни коментари. Ние тоа си го сфаќаме релаксирано, да има забава. Без нервоза, останите така, истакна Жанко во свој стил на прес конференцијата.
– Цела идеја беше од бате Жанко, тоа тастатурски јунаци излезе од мене. Им порачувам да не сфаќаат сѐ што би се рекло здраво за готово, а нека продолжат да кометираат, вели Славчо Попоски. Сите заеднички порачаа дека важно е да се дружиме и да се забавуваме.
Секако по промоцијата не изостана и детална временска прогноза за периодот што претстои.
Со „Тастатурски јунаци!“, популарните Славчо Попоски, кој ги брани боите на Струга и охриѓанецот Стевчо Недески, им се обраќаат на сите кои на социјалните мрежи ги коментираат нивните постовите за временската прогноза. Лепак и иницијатор на целиот проект е и познатиот глумец и радио водител од Супер радио Жанко ЗШ Голабоски, кој е нивниот „дописник од терен“.
Музиката и текстот се на Фиљан чоек, да го видиш го знајш, а за видеото се погрижија Be1 Digital Marketing, Супер радио и OhridPress.