Промовирана книгата „За македонистиката отворено“ од Димитар Пандев и Свето Стаменов
Со промоција на книгата „За македонистиката отворено“ од проф. д-р Димитар Пандев и Свето Стаменов, денеска започна одбележувањето на 23-ти Октомври, Денот на македонската револуционерна борба и јубилејот 130 години од формирањето на Македонската револуционерна организација.
Во време кога се соочуваме со сите политички предизвици поврзани со нашиот идентитет, книгата „За Македонистиката отворено“ нека биде еден мал чекор од големата заедничка мисија за чување на Македонскиот јазик за новите генерации Македонци, кажа во своето обраќање пред присутните во големата сала на Општина Охрид секретарот на општината, Александар Китески.
„Оваа книга е од исклучително значење за познавачите на јазикот, лингвистите и сите кои се интересираат за разнообразиот и богатиот свет на Македонскиот јазик. Преку разговорите помеѓу авторите, страница по страница, со едноставен и ненаметлив стил, се раскажува за дејноста на Свети Климент Охридски, Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески, Григор Прличев, Кочо Рацин и за сите важни аспекти од различни етапи на еволуцијата на Македонскиот јазик. Верувам дека ова книжевно дело ќе продолжи да го презентира Македонскиот јазик на светската лингвистичка сцена и ќе ја зацврсти неговата улога како средство за промоција на богатата македонска култура и историја.“ – истакна Китески.
Промоторот и рецензент на книгата, доц. д-р Бобан Карапејоски појасни дека одликите на ова литературно дело може да се сублимираат во три клучни искази и фрази: говорена форма на научниот стил, радиоучебник и интервју предавање.
„Всушност, книгата „За македонистиката отворено“ од авторите Свето Стаменов и Димитар Пандев во себе крие исклучително интересен жанр, кој во друга форма се појавувал во македонската и во светската литература. Имено, станува збор за радиоразговори, во кои авторот на емисиите Quo vadis и „Актуелно“, како и на саботниот „Радио Спектар“ на Македонското радио – Радио Скопје, Свето Стаменов, разговара со проф. Пандев на теми поврзани со македонскиот јазик, неговата историја, развојот, но и за современите состојби што се појавуваат како предизвик за македонската наука за јазикот и науката за јазикот на македонски јазик. “- потенцираше Карапејоски.
Д-р Карапејоски упати пофални зборови до авторите на книгата, до уредникот Митре Велјаноски и Општина Охрид, која во континуитет ги поддржува ваквите изданија. Содржината на книгата „За македонистиката отворено“ е сместена на 360 страни и во неа се опфатени разговори за сите истакнати македонски литературни дејци, за најновото издание на Правописот, за Законот за јазиците, за најновата бугарска антимакедонска кампања која го негира и постоењето на македонскиот јазик, за предизвиците пред кои е исправен нашиот македонски јазик.