Протестите и контрапротестите и денес продолжуваат
Во тензична атмосфера се одвиваа протестите во близина на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и полициската станица Беко.
Во тензична атмосфера се одвиваа протестите во близина на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и полициската станица Беко. Полицијата ги поттисна демонстрантите кои претходно со камења и тврди предмети фрлаа кон полицискиот кордон, по што се упатија кон Владата. Истовремено се одвиваше уште еден протест предводен од ГДОМ.
Демонстрантите и вчеравечер се судрија со полицијата на третиот ден од протестите против одлуката на претседателот на Ѓорѓе Иванов за помилување на политичари и од власта и опозицијата.
Камења, пиротехника и тврди предмети фрлаа дел од демонстрантите кон полицијата распоредена пред полициската станица Беко во центарот на Скопје. На тоа полицијата возврати и ги потисна, по што протестот се пресели пред Влада. Таму помина во помирна, но тензична атмосфера. Протестите беа обезбедувани со голема полициска сила, а имаше распоредени и многу оклопни возила и водени топови.
Претходно се одвиваа два паралалени протеста на оддалеченост од 300 метри. На едната страна беа демонстратните кои пред Собрание бараа оставка од претседателот Иванов поради одлуката за помилување на 56 политичари, поради како што велат, срамниот обид да ја попречи правдата, отпочнување на процес за избор на експертска влада, која ќе го подготви теренот за демократски избори.
„Бараме повторно свикување на Собранието на Република Македонија и негова одлука за одложување на изборите најавени за 5- ти јуни на неодредено време“, рече Ирена Ристиќ.
„Не постојат услови за регуларни и веродостојни и фер избори на 5-ти јуни, избирачкиот список не е пречистен, не запираат заплашувањата и притисоците врз граѓаните“, изјави Огнен Јаневски.
Демонстратните велат дека се згрозени од полициската бруталност и од приведувањето на демонстранти. Бараа ослободување на 13-те демонстранти кои по вчерашните протести беа приведени.
„Имаше приведени и на 5 мај, верувајте многу им е потребна нашата поддршка. Браќа и сестри со вас сме, нема да им помине. Сакам да замолам да не применуваме насилство кон полицајците, освен доколку не е самоодбрана или нужна одбрана. Јас немам лично ништо против оние кои слушаат наредби, имам против криминалците кои МВР го претворија во свое партиско збиралиште“, изјави Павле Богоевски од граѓанското движење Ајде.
На само триста метри подолу во весела атмосфера со ора се собраа уште една група граѓани предводени од движењето ГДОМ. Од таму од говорница претставниците на ГДОМ обвинија дека некој сакал да ги закрви граѓани, да протече крв на улиците со цел да ја продаде Македонија и нејзиното име.
„Тука сме да им покажеме дека тоа нема да се случи, тука сме да им покажеме дека не се само тие и дека не е само нивно, и ние постоиме и наша е оваа земја, онолку колку што е и нивна“, изјави Тони Михајловски од ГДОМ.
„Такви се тие луѓе кои само на двесте метри од нас застанале пред храмот на демократијата демек ќе ја бранеле демократијата, такви се тие луѓе кои се платени од Сорос и од УСАИД да ја урнисуваат Македонија“, изјави Александар Пандов.
Протестот предведен од ГДОМ продолжи пред седиштето на СДСМ.
На зборното место имаше паркирано десетина автобуси од внатрешноста кои носеа демонстранти, а на социјалните мрежи се појавија СМС пораки со кои по наредба од општински комитети на владејачката партија се повикуваа луѓе да излезат на протести и да се заведат во списоците.
„Доколку некој не дојде ќе бидат преземени настроги мерки“, е наведено во СМС пораките.
И едните и другите најавија дека ќе продолжат со протестирање секој ден.