Регионален поетски фестивал „Слушни го Езерото“ денес во Охрид

По повод Денот на Охридското Езеро, денес од 11 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе се одржи манифестацијата СЛУШНИ ГО ЕЗЕРОТО. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.
-На платото пред Библиотеката трета година со ред поети од Поградец, Струга и Охрид ќе читаат претежно песни инспирирани од Езерото. Во Охрид ќе допатуваат и делегации од Библиотеките од Поградец и Струга предводени од директорките Афердита Дука и Маја Мојсоска. На поетско – музичкиот перформанс ќе настапат пет автори од Охрид: Љупчо Милковски, Лидија Размоска – Тримовска, Ана Цветаноска, Светлана Котеска и Розе Костеска. Од Поградец доаѓаат двајца автори: Лири Сеитлари и Димитар Појанаку. Од Струга ќе им се придужат поетите: Милчо Мисоски и Пунторие Муча – Зиба, информираат од НУ Библиотека „Григор Прличев“.
Настанот ќе го отвори директорката Христина Трпеска, а свое обраќање ќе има и Орхидеја Тасеска, директорка на Хидробиолошкиот институт од Охрид.
– Ќе биде поместена и мини изложба на ученици од подрачното училиште на ООУ „Св. Наум Охридски“ од Пештани во Долно Коњско под раководство на нивната наставничка Лила Каранфилоска. По традиција ќе настапат и учесници на фестивалот на детската песна РАСПЕАНО РИБАРЧЕ од Охрид, се додава во соопштението од Библиотеката.





