„Ретроспектива” – изложба на Даме Затуроски
Ликовниот уметник, стружанецот Даме Затуроски, ја подготвува најновата изложба насловена Ретроспектива.
Љубителите на уметноста ќе може да видат голем број дела на авторот од почетоците на неговото творештво до денес. Струшкиот уметник твори од дете, до денес имал повеќе од десет самостојни и десетина групни изложби во земјава и странство
„Јас сум сликар кој се бави со класичен стил реализам најповеќе во техника пастел, а на изложбата има повеќе застапени техники освен масло на платно кое го работам под други услови и затоа нема да биде присутно. Инаку има доста слики , бројката на оваа изложба ќе биде некаде околу 50 до 55 слики. Тоа е ретроспективна изложба и треба да бидат застапени повеќе дела за да се види авторот, 15, 20 и повеќе години наназад што работел и колку напредувал или назадувал во работата. Ќе биде доста шарено разновидно за секој вкус”, изјави Даме Затуроски.
Најголем интерес за вредните дела на македонските ументици има во странство, во земјава е мал интересот за купување на поквалитетни уметнички слики.
„Тука не стоиме добро, ние сликарите во земјава, бидејќи луѓето многу не се заинтересирани дали им е скапо, нивото на култура едноставно не им дозволува да ги купат некои работи. Добрите дела се и малку поскапи. Тешко оди продажбата, во принцип мојот пазар е 95% во Словенија, таму ги пласирам делата. Таму имам депо, депо имам и овде, кој каде ќе биде заинтересиран продаваме, се снаоѓаме” , додава Затурски.
Карактеристично за Затуроски е што слика предмети, портрети, животни, пејсажи, а инспирација е неговата родна Струга. Изложбата ќе се одржи на 2 август во ЦК Браќа Миладиновци во Струга. .
Новинар Соња Рилковска