Промовирана книгата „Шарени дијаманти“ од Наум Трајчески
Во рамките на своите редовни промотивни активности и поддршка на роднокрајните автори, вчера во Прличевата одаја на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше промовирана седмата стихозбирка на поетот Наум Трајчески „ Шарени дијаманти“.
Книгата е во издание на Агенцијата за иселеништво а по тој повод на промоцијата присуствуваа директорот на агенцијата Горан Ангелов и Билјана Костова, раководител на секторот за културен развој на иселениците.
Директорот Ангелов потсети дека стихозбирката ,,Одминато време“ издадена во 2017 година на Наум Трајчески му го донесе досега најголемото признание – наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга – поезија на иселеник со македонско потекло, што ја доделува Агенцијата а во рамките на Струшките вечери на поезијата во 2018 година.
Костова од Агенцијата за иселеништво на авторот, во име на долгогодишната соработка, му врачи специјална Благодарница. Таа по сите протоколарни говори му се заблагодари што во овој, како што рече бездушен дигитален свет, ние се’ уште добиваме писма по пошта со срдечни поздрави од Австралија и благодарност за нашата грижа кон иселениците, токму од нашиот Наум.
Наум Трајчески е роден 1952 година во село Издеглавје, Охридско. Од 1977 година живее во Австралија. Основач е на Македонското литературно друштво ,,Ванчо Николески“ од Квинбијан, Нов Јужен Велс. Тој неуморно работи на промовирањето на македонскиот збор преку одржувањето на библиотека, поетски манифестации и годишниот конкурс за најдобри поетски и прозни творби на македонски за деца.
Библиотеката на роднокрајниот автор и нејзин почесен член Трајчески му додели нова благодарница за ширење и зачувување на македонскиот збор на австралискиот континент.