Skip to main content

Се чествуваа раѓањата на  Петре М. Андреевски, Матеја Матевски и Гане Тодоровски, објавена збирка со нивни песни на Брајево писмо

За ликот и делото на Петре М. Андреевски говореше академик Влада Урошевиќ, кој во својата беседа го нарекува Андреевски „волшебник“.
 |  инфодеск  | 

Чевствувања на 90-годишнината од раѓањето на македонскиот книжевен великан, еден од најдаровитите македонски раскажувачи, академик Петре М. Андреевски, 95-годишнината од раѓањето на еден од највпечатливите македонски поети и доминантна личност во македонистиката, академик Гане Тодоровски и 95-годишнината од раѓањето на вториот македонски лауреат, добитникот на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, академик Матеја Матевски, се одржаа денес во рамки на „Струшките вечери на поезијата“, чие свечено затворање ќе се случи вечерва на Мостот на поезијата во Струга.

За ликот и делото на Петре М. Андреевски говореше академик Влада Урошевиќ, кој во својата беседа го нарекува Андреевски „волшебник“.

– Од сите македонски поети Петре М. Андреевски успеа да навлезе најдлабоко во древноста на Македонија, да го оживее тој свет кој веќе, во детските години на овој поет, беше на работ на исчезнување и чиишто траги тој знаеше да ги насети и да ги изрази на еден извонредно креативен начин. Тргнувајќи од своето село, како од некое скриено јадро во кое се крие тајната суштина на цела една земја, Петре М. Андреевски ја слика, во својата поезија, картата на Македонија чиишто поетски граници се далеку пошироки и посеопфатни од географските – рече Урошевиќ.

За македонскиот поет Матеја Матевски свој говор имаше македонскиот поет, есеист и преведувач, Иван Џепаровски.

– Светот што го осветлува Матеја Матевски со својата поезија е светот на потеклото и на раѓањето, светот на убавината и на добрината, а оттаму и светот на вистината. А што е нашиов денешен омаж на поетот Матеја Матевски на девеведесет и петгодишнината од неговото раѓање, ако не е празник, вистински празник на поезијата и на вистината! Празник, зашто неговата поезија од денес ќе може да се чита и да се доживува и со допирот на прстите – истакна Џепаровски.

Промовирано беше и изданието „Мостови на Струга“, збирка-поезија од Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски и Матеја Матевски, чиј избор го приреди Кристина Николовска.

Збирката е испечатена на Брајово писмо.

Проф. д-р Кристина Николовска имаш беседа посветена на Гане Тодоровски, за кој рече дека има опус-океан.

– Како да се опише Ганевата грандиозна поетска, литературно-научна, препевна, уметничка, културолошка, творечка, општествена и патриотска мисија? И може ли да се опише творечката и креативна „планета-опус“ на раскошен полиграф со над, замислете 230 наслови на дела! Фасцинантна е полиграфската мапа на: поетот, преведувач, литературен критичар, есеист, историчар на литература, теоретичар, врвен македонист, публицист, полемичар, антологичар, редактор, приредувач на изданија избори и препеви (македонски и странски), истражувач на фолклорот, театролог, сценарист, патеписец, културолог, општественик – рече Николовска.