Седмо издание на Beach Film Festival во Охрид
На 17-ти јули (среда) започнува седемото издание на Beach Film Festival во Охрид. До 21 јули Фестивалот нуди богата програма со филмски проекции и музички перформанси на 4 локации во Охрид, и тоа на Плажа Славија, Плажа Сараиште, Брод Армада и Младинскиот културен центар. Ќе бидат прикажани филмови за сите возрасти, вклучувајќи ги и најмалите. Селекцијата на филмови смело ја опишува моменталната состојба на светот, современите проблеми, миграциите, правата на децата, семејствата и врските, велат организаторите.
Овогодинешното издание на фестивалот ќе биде отворено со проекција на филмот „Живи и Здрави“ (Forever hold your peace) на плажата Сараиште. Во главната програма ќе бидат прикажани уште шест долгометражни европски филмови.
Четиричлено интернационално жири ќе ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ за најдобро актерско остварување.
Покрај главната програма, на фестивалот ќе бидат прикажани и 14 краткометражни филмови, вклучувајќи и филмови од домашната продукција.
Оваа година тричленото жири, во состав Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски, ќе одлучува за наградата Мал бран за најдобар краткометражен филм.
Седемото издание на фестивалот е збогатено со уште еден тип на програма – филмови за најмалите посетители и нивните блиски, кои ќе бидат прикажани на градската плажа Сараиште, каде што секој ден од 17 – 21 јули со почеток од 20.00ч. ќе има проекции на детски филмови и влезот на истите е бесплатен.
За музичката програма ќе се погрижат бендовите Sioto Jazz и Xarakiri, диџејките Baila, Dj MarТian и музичкото дуо SIZ.
Фестивалот од година в година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид и особено ја привлекува младата публика која го одбира Охрид за летен одмор во периодот додека трае фестивалот.
„BEACH FILM FESTIVAL“ , има големо значење како културен настан во државата, бидејќи привлекува млада публика (18-35 години), која е исклучително тешко во денешно време да биде анимирана и ангажирана да проследи европски кинематографски остварувања, во време кога на сите платформи се промовираат новите холивудски блокбастери. Поттикнувајќи ја филмската писменост, фестивалот служи како доказ за моќта на киното во премостувањето на културите, промовирањето на различностите и разгорувањето на страста за раскажување приказни. Без разлика дали сте филмофил, млад филмски режисер, филмски ентузијаст, или едноставно поединец кој сака да го истражи богатството на европската кинематографија, овој фестивал е правата дестинација за ова лето, велат организаторите