„Силјан” во режија на Тамара Котевска е годинашниот македонски кандидат за „Оскар”, претходно беше прогласен за најинспиративен филм на биеналето во Венеција
Македонскиот филм „Силјан” во режија на Тамара Котевска и во продукција на Конкордиа е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар” за Најдобар интернационален филм.
Одлуката ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, во состав: Томи Салковски – претседател на комисијата и продуцент, Лабина Митевска – продуцент, Даријан Пејовски – режисер, Марија Димитрова – продуцент, Душан Кардалевски – кинематографер, Марина Колоска – прв асистент на камера, Иван Ивановски – режисер на анимиран филм, Братислав Зафировски – тон мајстор и Горан Игњатовски – автор на филмска маска. Деветчлената комисија одлуката ја донесе едногласно.
Инаку, „Силјан“, новиот документарен филм на двојно оскар-номинираната режисерка Тамара Котевска, ја освои една од најретките награди на Биеналето – „Cinema and Arts Award“, позната и како „Наградата на Музата“, која е дел од официјалната натпреварувачка програма на најстариот и најпрестижен филмски фестивал во светот во Венеција. Во конкуренција од 20 филмови за ова признание, „Силјан“ го освои првото место и беше прогласен за најинспиративен филм на биеналето.

„Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор од 17 век. Филмот ја следи судбината на Никола, земјоделец кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило. Од таа средба започнува магична врска што станува метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.
– Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто, изјави Котевска.
Филмот зад себе има импресивен меѓународен тим – од Ciconia Film, преку Concordia Studios и The Cornershop, до продуцентката Anna Hashmi. Jean Dakar стои зад мајсторската кинематографија, а Мартин Иванов ја обликува приказната со беспрекорна монтажа. Музиката е дело на Joe Wilson Davies и Hun Oukpark од студиото на Hans Zimmer и создава повеќеслоен звук што станува невидлив лик во филмот. Јорданчо Петковски е клучен продукциски соработник на Котевска со кого веќе има долгогодишна успешна соработка. Само две недели пред заминувањето во Венеција, тимот го заврши снимањето на првиот долгометражен игран филм на Котевска, „Човек против јато“.