Со изложбата „Беше еднаш Холивуд“ на Симјаноски заврши „На зајдисонце“ во Трпејца
Со изложбата на портрети „Беше еднаш Холивуд“ од познатиот охридскиот сликар, фотограф и филмофил Ѓоко Симјаноски синоќа во Трпејца беше затворено 12. Издание на манифестацијата „На зајдисонце“.
Публиката покажа интерес за портретите на 32 омилени актери ( по 16 машки и женски ) , ѕвезди од минатиот век од златното време на Холивуд чии филмски улоги се паметат и денес.
Тоа се нови портрети кои Симјаноски ги изработил во техниката графика со молив и значат враќање на неговите почетоци во уметноста од времето на средното училиште.
–Изложбата е резултат на големата љубов што ја имам кон филмот,а како круна на она што се занимавам со сликарството, па споив една целина. По изложбата во Охрид, среќен сум што портретите на редица филмски легенди, како на пример: Џон Вејн и Мерлин Монро стигнаа и пред публиката во Трпејца, рече Симјаноски.
Паралено со изложбата публиката уживаше и во музичките парчиња од култните филмови: „Продавачка на темјанушки“, „Казабланка“, „Рио Браво“, „Некои тоа го сакаат жешко“ и „ Однесено од виорот“.Синоќа беа доделени и наградите за најдобри фотографии од конкурсот „Трпејца низ објективот на туристите“. Наградени се Марјан Ангеловски и Весна Константинова од Скопје.
Угостителот Марјан Митрески – Мац, член на Здружението – организатор на летото ги покажа и своите актерски афинитети сврзани со слатките маки на трпејчани среде сезоната.
Во понеделникот на 24 јули публиката имаше убава журка со бендот 3.0 ( три промили ).
Следниот ден беше резервиран за традиционалната Кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање.
Во вторникот вечерта се одржа прошетката „Со кајче по езерото“.
Посебно атрактивна за гостите и мештаните беше трката со куфери по скалинадата во Трпејца и интересната видео презентација „Пчелите ќе го спасат светот“ од Петар Стојаноски од фирмата „Органски природен мед“ од Трпејца.
Претпоследната вечер од културното лето во Трпејца беше резервирана за Драмското студио „Цвет 75 “ од Охрид под раководство на Драгана Боцевска. Младите актери на радост на бројната публика маестрално ја одиграа претставата „Пепелашка од Охрид“.
И годинава манифестацијата беше во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“ под покровителство на општина Охрид потпомогната од спонзори од Трпејца, Охрид и Скопје.